ФК Каменица Саса го одигра и 10-то коло од Втората Македонска Фудбалски Лига – Исток. Во Саботата на Градскиот Стадион во Македонска Каменица гостуваше Прилепска Победа. Натпреварот започна со мала иницијатива на ФК Каменица Саса, но и со тврда игра на средината на теренот. Првите 40-тина минути од натпреварот поминаа без посериозна шанса за гол и на двете страни. Првата вистинска шанса за гол ФК Каменица Саса ја имаше преку капитенот Даниел Гоцевски кој беше исклучително мотивиран. Се работеше за прекрасно проигрување од страна на Горан Здравков, во срцето на шеснаесетникот, топката му “легна” на левата нога на Даниел Гоцевски, но беше блокиран и истата помина на милиметри од небранетата мрежа на гостинскиот голман. Судијата досуди корнер. Веќе во наредниот напад се заканија и гостите, беше упатена топка во “празно” по левата страна, по што напаѓачот на гостите шутираше по земја за малку непрецизно. На полувреме се отиде со “непопуларните” 0:0. Во второто полувреме, домашните заиграа далеку поангажирано и поседот на топката се зголемуваше во корист на ФК Каменица Саса. Во 60-тата минута од натпреварот, убаво изиграна акција на ФК Каменица Саса, Ѕурѕу кој беше исклучително мотивиран центрира со левата нога, Никола Божинов со гради му ја “смирува” топката на Горан Здравков кој шутира силно и е блокиран, пришто топката добива “чудно ефе” и кога сите ја гледаа во рацете на гостинскиот голман, Ненад Нешовски паметно тргна кон него очекувајќи кикс и тоа и се случи. Гостинскиот голман ја испушти топката и Нешо во стил на Филипо Инзаги, убаво ја смести топката во небранетата мрежа за 1:0 за ФК Каменица Саса. Стабилната игра на ФК Каменица Саса продолжи и во понатамошниот тек од натпреварот. Силјановски успешно диригираше со домашната одбрана, Христијан Стојановски го имаше можеби најдобриот натпревар сезонава, Миленковски и Кировски играа како по ноти водени по онаа позната фудбалска изрека “топката може да помине, играчот не”, а во целиот тој одбранбено-победнички амбиент успешно се вклопи и Виктор Марковски кој освен 2-3 лоши центаршутеви во првиот дел изигра на ниво. Во такво едно одбранбено издание на нашите дефанзивци, Победа Прилеп воопшто не успеа да создаде шанса во вториот дел. Нашите средни играчи пак, по отварањето на резултатот како да се натпреваруваа кој да биде покреативен. Никола Божинов како и обично “нерешлива енигма” за противниците, Горан Здравков на мудар и искусен начин даваше “топки со очи” до соиграчите, а Чичевски како да ја имаше темпирано формата за тој натпревар, едноставно непогрешлив. Тој и Даниел Гоцевски кој одигра капитенски, многу покриваа и без топка, со што им помагаа на соиграчите и во дефанзивните задачи. Ненад Нешовски беше приказна за себе, исклучително мотивиран и “тежок за чување” и што е најважно секогаш беше на вистинското место и во вистинското време. Така беше и во 78 минута, кога се случи и моментот на натпреварот. “Школска” акција на ФК Каменица Саса, која започна со дегажманот на Миленковски, на средината на теренот највисок во скокот е Здравков кој додава до Ѕурѕу кој паметно проигрува до Чичевски кој елегантно го “пушта” Никола Божинов во празно, тој влегува во шеснаесетникот кадешто е фаулиран од противничкиот играч и двајцата паѓаат, а Нешо Нешовски повторно е на вистинското место во вистинското време, шутира по земја и поентира, за 2:0 и точка на натпреварот. Во овој натпревар она што треба да се потенцира е дека Прилепска Победа изигра цврсто, што значи дека на домашен терен ќе биде тежок противник за секоја екипа. Нашите миленици пак, одиграа стабилно, без паника, стрпливо ги чекаа своите шанси и ги искористија. Единствена маана ако воопшто така може да се каже, покрај маестралниот натпревар буквално на сите фудбалери и прекрасната стратегија на Митев и Гоцевски, можеби би можело да се споменат многуте слободни удари без сериозен удар во голот, односно при досудени 7-8 слободни удари на коректна далечина за постигнување на гол, речиси сите завршија во живиот ѕид. Ако во кошарката и најдобрите шутери секојдневно тренираат слободни фрлања, можеби може и Митев да “спреми” посебен тренинг за шутирање на слободни удари и центаршутеви на бековите.

Заклучок од горенапишаното иако сеуште е рано за било какви заклучоци, би можело да биде, дека ФК Каменица Саса поставува “фудбалска константа” во својата форма, почнува да негува препознатлива игра и на домашен и на гостински терен и станува тим кој е психолошки се посилен и посилен.

Честитки до играчите за маестралниот натпревар и машката игра.

Честитки и до судиите за одличното и коректно судење.

Честитки и за гостинските играчи за фер-плеј натпреварот и коректното однесување на теренот.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *