Првиот тим на ФК Каменица Саса продолжува со добрите игри. Одличната атмосфера во тимот овој викенд резултираше со победа во гости над “фенерџијата” во ВМФЛ-Исток, екипата на Питу Гули. Натпреварот се играше во Сабота во Крушево. Секој натпревар има своја приказна, па така и натпреварот со Питу Гули во Крушево. “Рударите” повторно подготвени влегоа во натпреварот и знаеја што сакаат. Целосната контрола врз играта на “тешкиот” терен за игра, за малку не резултираа со гол на почетокот на натпреварот кога Божинов стрелаше во долниот десен агол на противничкиот голман. Неможеме да не констатираме дека забелешките од претходниот натпревар овојпат беа минато, центаршутевите беа на ниво исто и слободните удари. Па така, по еден слободен удар кој го изведе Никола Ѕурѕу од левата страна за малку непрецизно со глава шутираше Кировски, Некоја минута подоцна, милиметри беа во прашање кога Горан Здравков шутираше од слободен удар од 20-тина метри. ФК Каменица Саса поведе со гол во 42-та минута од пенал. По еден прекрасен центаршут на Горан Здравков, маестралниот Ненад Нешовски со гради “ја залепи” топката и влезе во гол шанса, пришто беше фаулиран. Судијата оправдано покажа на белата точка. Сигурен “егзекутор” беше “Штипскиот Франческо Тоти” во дресот на ФК Каменица Саса, Горан Здравков. Во ситуација на скршен отпор на противникот, две минута подоцна, Ненад Нешовски се проби по десната страна, центрираше а домашниот играч Мургоски си ја погоди сопствената мрежа. На полувреме се отиде со резултат 0:2 а со истиот резултат и заврши натпреварот. ФК Каменица Саса одигра уште еден натпревар без сериозни осцилации во играта, со одлична стратегија “зготвена” во фудбалската кујна на “стариот лисец” Мите Митев. Забелешките од претходниот натпревар се минато, сите играчи одиграа на ниво. Единствена забелешка за натпреварот со Питу Гули, можеби би можело да биде, “отсуството” на карантин и “преспивање” во Крушево пред натпреварот, па поради долгиот пат и зимскиот почеток на натпреварите, фудбалерите мораа рано да станат и да патуваат неколку часа пред почетокот на натпреварот, што можеше да биде и хендикеп. Но, во манир на вистински професионалци, сите фудбалери не покажаа никаков знак на умор. Сега првиот тим на ФК Каменица Саса е исправен пред нов предизвик, натпреварот со лидерот на табелата ФК Беласица од Струмица во Недела на Градскиот Стадион во Македонска Каменица. Со вистинска стратегија и силна мотивираност на тимот, местото на табелата нема да има никакво значење во Недела. Ако повторно проработи “дуото” Нешовски – Божинов, кои и покрај различните позиции се повеќе наликуваат на Двајт Јорк и Енди Кол во најдобрите времиња на Манчестер Јунајтед, ако Миленковски и Кировски, потпогнати од Силјановски изиграат во препознатливото светло, бековите и средниот ред “стигаат” секаде, Здравков да има свој ден, Даниел Гоцевски повторно да изигра храбро и машки како и на натпреварот со Питу Гули, се чини дека Беласица може лесно да падне на колена во Македонска Каменица.

ЗА натпреварот со Питу Гули, сите фудбалери и стручниот штаб имаат чиста 10-ка.

Судиската четворка професионално и коректно си ја заврши задачата.

СЕ ГЛЕДАМЕ ЛИ ВО НЕДЕЛА НА ТРИБИНИ ???

#МоетоСрцеЕЗеленоЦрно!

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *