Денес на Градскиот Стадион во Македонска Каменица се одигра натпреварот од 12-тото коло од ВМФЛ – Исток помеѓу екипите на ФК Каменица Саса и ФК Беласица Струмица. Тоа беше натпревар кој покажа со каков квалитет располага ФК Беласица од Струмица и пред се можеби овој натпревар барем за гостите покажа дека нивната форма расте од натпревар во натпревар. Денешниот натпревар можеби е најдобриот натпревар за ФК Беласица оваа сезона. Нашите миленици излегоа храбро на теренот, во секое нивно движење се чувствуваше силната желба за поволен резултат, но, денес Беласица едноставно беше премногу силен противник.

Времето денес беше одлично за игра, а теренот влажен. При едни такви услови, првата шанса на натпреварот, сепак ја имаше ФК Каменица Саса. Се играше 4-тата минута, кога Божинов солираше по левата страна, вешто влезе во шеснаесетникот се обиде да проигра, но топката наместо до нашиот Горан Здравков, стигна само до гостинскиот голман. Најверојатно, со висок центаршут кој можеби беше многу тешко да се изведе, ФК Каменица Саса ќе поентираше преку Нешовски кој беше сам на “втора статива”. Првите 15-тина минута навестуваа прекрасна фудбалска претстава за ФК Каменица Саса и барем бод на денешниот натпревар. Нашите миленици играа борбено на средината на теренот и не му даваа на противникот да “дише”, дополнително, навремените и прекрасни стартови на Миленковски и Кировски ја “вжештија” атмосферата на трибините, од кадешто навивачите на ФК Каменица Саса и денес даваа силна поддршка. Следуваа уште по еден храбар старт на Гоцевски и Миленковски и одеднаш “чуден пад” во концентрацијата на домаќините или сепак влегување во ритам на гостите. Се играше периодот помеѓу 25-тата и 35-тата минута кога средниот ред на домаќините пред се Чичевски направи неколку грешки во додавањето, пришто гостите влегуваа во контранапади, кои мораа да бидат спречени со фаули на 20 или 25 метри од Силјановски. Гостите во тој период изведоа неколку слободни удари од таа далечина и за среќа ниту еден прецизен. И сепак гостите дотогаш сеуште немаа вистински удар на голот, а на спротивната страна Чичевски паметно се обиде од далечина. Требаше фудбалерите на ФК Каменица Саса многу повеќе да шутираат од далечина имајќи ја во предвид влажноста на теренот. Се играше 32-та минута од натпреварот кога гостите нападна од десната страна, од кадешто нивното крило, “кое мораше да биде блокирано” испрати висок центаршут а топката која долго време патуваше падна точно на главата на Ѓорѓи Марков кој поентираше. Моментите “топката која долго време патуваше” и “кое мораше да биде блокирано” треба да биде предмет на анализа на некој од наредните состаноци на клубот, заедно со другите денешни пропусти, во насока на “учење од грешките”. Ладен туш за фудбалерите на ФК Каменица Саса уште поладен туш за оние кои со срце ги бодреа нашите миленици на трибините. ФК Беласица поведе без вистински шут на голот. Во наредните 5-10 минути, ФК Каменица Саса како да се трудеше да се “разбуди од шокот” будење кое можеше многу лесно да резултира со 0:2 односно 0:3, ама резултираше со одбрана на Силјановски и жолт картон на Кировски. Моментот кога Кировски добива жолт картон е “вистинската приказна за првиот дел” од натпреварот. Полека креираме напад, нашите фудбалери се поместуваат се повеќе кон противничкиот гол, во моменти кога Стојановски и Марковски прават “вишок” едно непрецизно додавање создава вистинска контра, па Кировски е принуден да прави фаул на средината на теренот и оправдано добива жолт картон, a претходно пак неизнудена грешка, која создава шанса на противникот и Силјановски брани “зицер” . Премногу, премногу непрецизни додавања во првиот дел, слаба комуникација среден ред – напад и дефинитивно пад на концентрацијата кај домаќините. Гостите како да го прочитаа тоа, па следуваше буквално “везење” на теренот. Кратки и прецизни додавања, кои во одредени моменти можеа да се избројат и до 20. Најдобар период во играта на ФК Беласица во првиот дел. И кога тие играат, ние создаваме шанса. И тоа гол-шанса. Здравков центрира од слободен удар, Кировски е највисок во скокот, гостинскиот голман прави погрешна проценка и паѓа, топката доаѓа до главата на Марковски кој шутира, се случува “карамбол” пред гол-линијата, топката удира во стативата, па се одбива од некој нашите играчи и од самата гол линија ја “вади” гостинскиот дефанзивец. Се играше 42 минута од натпреварот. Во тие моменти, среќата да беше на наша страна, можеби ќе го променевме текот на натпреварот. На полувреме се отиде со резултат 0:1 за гостите.

Второто полувреме започна со “мала” теренска иницијатива на гостите кои најверојатно сакаа брз гол и решавање на прашањето за кој ќе биде победник на натпреварот. Првите 10-тина минути им припаѓаат на гостите кои упатија неколку “за малку непрецизни” удари од далечина а ние пак им поклонувавме топки од кои тие вешто напаѓаа . И кога планот за “брз гол” пропадна, нашите момчиња ги одиграа најдобрите 15-тина минути од натпреварот. Жесток притисок од сите страни, борба во секој дуел, напади кои резултираа со “паника во редовите на гостите” кои на два пати незнаеа каде напаѓаат па мораа да ја избиваат топката во аут. Во такви моменти се крши отпорот на противникот, се израмнува и веднаш се бара уште еден гол. Но, ние не израмнивме. Ги изигравме нашите 15 минути без вистинска гол-шанса и тоа не чинеше скапо. По 75-тата минута и дефинитивно паднавме во играта, бродот почна да тоне. Се нижеа шанси за гостите и по левата и по десната страна. Прецизни додавања, дупли пасови и гол-шанси од кои некои завршија во рацете на Силјановски, некои беа блокирани, некои поминаа до самиот гол. Во една таква апсолутна надмоќ, гостите поведоа со 0:2 во 82-та минута преку Мирчевски а победа ја завери Коколански во 89-тата минута. И во натпревар во кој лесно можевме и да израмниме, гостите можеа и да не совладаат уште поубедливо.

Не изигравме ние многу лошо, ФК Беласица изигра одлично. Ако се изанализираат делови од крајот на првото и крајот на второто полувреме, ФК Беласица е најсилниот противник со кој ФК Каменица Саса играше во оваа полусезона.

Ако треба да избереме играч на натпреварот кај домаќините и кај гостите, тоа најверојатно би биле Миленковски и Размоски. Ако пак треба да ги оцениме и едните и другите со оценки од 5 до 10, сите играчи на ФК Беласица би имале 10 а во нашиот тим, тоа можеби би изгледало вака : Силјановски 9,5, Стојановски 8,5, Марковски 8,5, Кировски 10, Миленковски 10, Здравков 9. Гоцевски 9, Чичевски 8, Нешовски 9, Божинов 9, Ѕурѕу 9 а резервистите на денешниот натпревар Златковски, Соколовски и Димов играа многу малку за да бидат оценети.

Честитки до ФК Беласица за победата.

Честитки и до судиите за фер и коректното судење.

Огромна благодарност до публиката која дојде во голем број и со срце навиваше за својот клуб.

#МоетоСрцеЕЗеленоЦрно!

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *