За големите фудбалски уметници терените на кои настапуваат се најмалку важни. За големите фудбалски професионалци и натпреварите против “своите” се натпревари во кои се дава максимум. И тоа е за поздрав. Нашиот Горан Здравков е еден таков фудбалски уметник и професионалец.

Сениорскиот тим на ФК Каменица Саса во Саботата го одигра натпреварот од 13-тото коло од ВМФЛ-Исток против фаворитот на хартија и еден од најсериозните аспиранти за влез во ПМФЛ, Брегалница Штип. Натпреварот се одигра во Штип под рефлектори и истиот имаше одлична посетеност (3000 гледачи). Навивачите имаа и што да видат. Лавовска битка на фудбалерите од двете екипи, голема желба за бодови и убав фудбалски натпревар. Натпреварот го решија неколку моменти. Првото вистинско возбудување се случи во продолжението на првиот дел, кога судијата покажа на белата точка. Шутираше Иван Настевски, но нашиот Дејан Силјановски – Spiderman кој имаше волшебен натпревар го одбрани ударот од белата точка. Во вториот дел домаќините тргнаа по брз гол и тоа им успеа во 53-та минута од натпреварот, кога Виктор Марковски си ја затресе сопствената мрежа. Во 86-тата минута, по еден некоректен и нефудбалски старт над нашиот капитен Дани Гоцевски од игра е исклучен играчот на домаќините Стојан Стојчевски. Во наредниот 7/8 минути ФК Каменица Саса тргнува со сите сили по бод и реми. Во 93-тата минута, Горан Здравков упатува “вистинска бомба” од 25 метри и ги кине “пајажините” на домашната мрежа. Ударот во левиот горен агол на голот на Талески беше неодбранлив и предизвика молк на трибините. Но, Штипската фудбалска јавност го почувствува моментот кога треба да му се поклонат на нивниот сограѓанин, фудбалскиот маестро и голем професионалец Горан Здравков, спонтано почнувајќи да му аплаудираат и покрај тоа што “им украде” два планирани бодови на домаќините. Големите фудбалери играат до последниот свиреж на судијата. Големите професионалци играат со исто темпо против сите екипи. Вистинските фудбалски навивачи и фанатици ги почитуваат големите професионалци и фудбалери. ФК Каменица Саса одигра прекрасен натпревар и покажа силен карактер. Освоен е важен бод и сега целиот фокус треба да биде насочен кон натпреварот со Кожув во Сабота.

ФК Брегалница Штип – ФК Каменица Саса 1:1 (0:0)

Марковски 53′ а.г – Горан Здравков 90+3′

Ова се оценките за нашите фудбалери :

Силјановски 10, Нешовски 9,5, Стојановски 9,5, Кировски 9,5, Миленковски 9,5, Марковски 9,5, Чичевски 9,5, Гоцевски 9,5, Божинов 9,5, Ѕурѕу 9,5, Здравков 10 и Соколовски 9,5, Златковски 9,5, Јовановски 9,5.

БРАВО МОМЦИ !

#МоетоСрцеЕЗеленоЦрно!

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *