Заврши есенскиот дел од сезоната 2019/20 за екипите кои се натпреваруваат во ВМФЛ-Исток. Фудбалерите на ФК Каменица Саса оваа полусезона на навивачите им приредија возбудливи натпревари и во најголем од натпреварите одиграа одлично. А почетокот можеби навестуваше една поинаква полусезона, сезона која за жал можеше да наликува на претходната. Но, не беше така иако првиот натпревар нашите миленици го изгубија и тоа од екипата за која слушавме дека и не е којзнае како организациски и фудбалски подготвена да се врати онаму од кадешто испадна, екипата на Победа од Прилеп. На 24.08.2019 година, ФК Каменица Саса е поразена во Прилеп со резултат 2:1. И покрај тоа што во најголем дел од натпреварот го имавме поседот на топката и напаѓавме, сепак како сеуште да бевме под влијание од “сивилото” oд претходната сезона, па направивме “колективен кикс”. Домаќините ги искористија своите шанси т.е нашите грешки и победија со 2:1. Следуваше натпревар од Купот на Македонија, кадешто бевме надиграни од “скопски” Вардар и високо поразени. Во тој натпревар навивачите ги наполнија трибините како никогаш пред тоа, за што од срце сме им благодарни. И се чини дека ни требаа 2 натпревари да изгубиме за да влеземе во натпреварувачки ритам, па така на првиот првенствен натпревар од сезоната на домашен терен “го растуривме” Питу Гули со 4:1. Натпреварот се одигра на 01.09.2019 година. Една седмица подоцна, гостувавме на екипата која се покажа како најдобра во оваа сезона, Беласица од Струмица. И таму, ФК Каменица Саса одигра машки и храбро. ФК Беласица Струмица славеше со 2:1 иако не не надигра фудбалски односно нијанси го решаваа натпреварот. Следуваше дербито на колото и воопшто на Истокот со екипата на Брегалница Штип, кадешто пред полни трибини ФК Каменица Саса изигра “како по ноти”, но за жал тој ден фудбалерите на ФК Каменица Саса беа исклучок од правилото “Храбрите ги прати среќата”. Во тој натпревар, нашите прекрасни момчиња знаеја што бараат, беа конкретни, и на двапати водеа, а Брегалница Штип која го имаше поседот, “јалово” се мачеше да дојде до победа, па дури и спасуваше бод во последната минута од натпреварот. Прекрасен натпревар за нашите момчиња, убава фудбалска претстава за многубројната публика на Градскиот Стадион во Македонска Каменица. Наредниот натпревар со екипата на Кожуф беше “фудбалска пародија” во која нашите момчиња “комично” изгубија 1 бод. Во натпреварот во Гевгелија во кој домаќините не створија вистинска шанса за гол, наша грешка го реши победникот и од Гевгелија се вративме поразени, но и надиграни. Следуваше “чудниот” пораз од Тиквеш на домашен терен во кој и тие и ние не заслуживме гол, односно натпреварот како да беше “создаден” за 0:0, ама еден момент на невнимание или лоша судиска одлука, повторно ни го однесе заслужениот бод. И наместо да паднеме и мотивациски и психолошки, нашиот тим покажа дека фудбалскиот карактер ќе биде наше оружје оваа сезона. Следуваше гостување кај Плачковица. Прекрасен натпревар во Радовиш, конкретни како што и треба за гостински натпревар, ги реализиравме шансите, успешно игравме во одбрана и се вративме победнички дома. ФК Плачковица – ФК Каменица Саса 0:2. Следуваше првиот “навистина лош” натпревар за ФК Каменица Саса. На домашен терен бевме надиграни од “пехчевски” Кит-Го и поразени со 0:3. Но и тој натпревар можеше да има поинаков крај ако реализиравме барем еден од двата зицери. Сепак, да бидеме искрени и реални, ФК Кит-Го Пехчево, заслужено победи. Наредната седмица, го победивме Осогово, во регионалното дерби во Кочани. Го победивме, ама и го надигравме. Резултатот со кој си заминавме од Кочани беше 2:5. Следуваше сигурната победа против прилепска Победа на домашен терен. Сигурни 2:0, во натпревар во кој никој не помисли дека можеме да бидеме изненадени гледајќи ја сигурната игра на нашите миленици. Пресликан натпревар со различен датум се случи седмица подоцна, кога што во Крушево го победивме Питу Гули со 0:2. Следуваше и повеќе од заслужен пораз од екипата на Беласица од Струмица со 0:3 на домашен терен и како “шлаг” на ” убавата есенска торта” доаѓаат натпреварите со штипска Брегалница во Штип и со Кожуф на домашен терен. Нашите момчиња како да имаа одлучено својот максимум да го чуваат за овие два натпревари, па така во првиот натпревар изигравме “за бод” во Штип, а потоа го надигравме Кожуф со 3:1. Овие два натпревари беа едни од најубавите “за око” oваа сезона. Се на се, прекрасна фудбалска полусезона, која ги врати насмевките на навивачите на ФК Каменица Саса го зголеми интересот за присуство на натпреварите на домашен терен и ни дава причина безрезервно да веруваме во убави натпревари и во пролетниот дел.

ФК Каменица Саса го заврши есенскиот дел на 6-тото место, со 6 победи, 6 порази и 2 нерешени натпревари и 20 бодови на Табелата на ВМФЛ-Исток.

Честитки до фудбалерите за професионалниот однос и убавите натпревари, честитки до стручниот тим предводен од “возрасниот мудрец” Мите Митев и Горан Гоцевски за одличната игра сезонава и огромна благодарност до навивачите кои беа наш 12-ти играч.

#МоетоСрцеЕЗеленоЦрно!

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *