Сениорскиот тим на ФК Каменица Саса во Сабота го одигра натпреварот од 16-тото Коло од Втората Македонска Фудбалска Лига – Исток. На Градскиот Стадион во Македонска Каменица којшто беше затворен за присуство на навивачи, нашите миленици копјата ги вкрстија со екипата на Плачковица од Радовиш. Натпреварот започна во 14:00. Тренерот на ФК Каменица Саса натпреварот го започна со следниве единаесетмина : Силјановски, Марковски, Миленковски, Кировски, Додевски, Гоцевски, Божинов, Здравков, Нешовски, Ѕурѕу и Станковски. Тренерот на ФК Каменица Саса по се изгледа добро ја имаше подготвено екипата и точно знаеше што да очекува. Истото во текот на неделата пред натпреварот го изјави и стрелецот на првиот гол, Горан Здравков, кој рече дека ФК Плачковица Радовиш мора да оди на три бода, дека тие први ќе нападнат, а ние да ја чекаме нашата шанса. И тоа што беше кажано во изјавата, а и веруваме зборовите на Мите Митев на тренинзите пред натпреварот, се преточија во дела на зелениот терен, па нашите миленици изиграа како по ноти и остварија убедлива победа од 3:0. Вака изгледаше натпреварот ФК Каменица Саса – ФК Плачковица Радовиш.

Натпреварот започна со блага теренска иницијатива на ФК Плачковица Радовиш како што се очекуваше, но сепак во првите 15-тина минути без конкретна шанса. Она што остави впечаток во првиоте 15-тина минути е сликата која кажуваше како ФК Плачковица Радовиш да играше “ракометен фластер” на Горан Здравков, за што беше задолжен нашиот поранешен фудбалер Кристијан Јордановски. Следуваа неколку дуели помеѓу овие два фудбалери, пришто еден од нив беше доста груб, што ја загреа атмосфера на теренот. Овој дуел на младост и искуство, беше пресуден за првиот гол. А до првиот гол, со кој поведе ФК Каменица Саса, ФК Плачковица имаше еден непрецизен шут кон голот. Се играше 26-тата минута од натпреварот кога Никола Ѕурѕу беше проигран по левата страна а тој во манир на беспрекорен дриблер успешно помина еден од играчите на ФК Плачковица и додаде до Здравков, кој успешно “фудбалски го намести” Јордановски кој го фаулираше на 18-тина метри од голот на ФК Плачковица. Судијата оправдано досуди фаул и му даде жолт картон на мотивираниот Јордановски, што значеше дека ќе мора многу да внимава во останатиот дел од натпреварот. А слободен удар за Здравков ти е речиси еднакво на пенал. Слободниот удар Маестро Здравков го изведе прецизно, шутирајќи во горниот лев агол на голот на Плачковица и 1:0 за ФК Каменица Саса. Голот како да им даде крилја на нашите миленици, па уште еднаш по левата страна, одигравме школска акција, Божинов нафрли, а волејот на Нешовски за малку не заврши во мрежата на ФК Плачковица Радовиш. До крајот на полувреме гостите повторно ја имаа иницијативата, но вистинската шанса дојде во последните моменти од првото полувреме кога од корнер гостите нафрлија, еден од нивните играчи шутираше со глава, но кога сите топката ја видоа во мрежата овде беше Дејан Силјановски – Spiderman со прекрасна интервенција да ја извади топката од самата гол линија, а потоа и маестралниот Андреј Кировски на мошне чуден начин да ја освои и исфрли од шеснаесетникот. Судијата означи крај на првото полувреме.

Во второто полувреме веќе ФК Плачковица полека го вадеше белото знаме, немаа некоја посебна иницијатива, ниту пак шанса за гол. ФК Каменица Саса ја чекаше својата шанса да стави точка на натпреварот и тоа се случи во 60-тата минута од натпреварот, кога Даниел Гоцевски, играјќи го еден од најдобрите мечеви во сезоната со ниту еден изгубен дуел а претрчани неколку километри, освои неколку топки на средината на теренот, од кои една стигна до Здравков, кој паметно го проигра Нешовски, кој влезе во шеснаесетникот на Плачковица и прецизно по земја го проигра одличниот Марио Станковски, кој истотака во манир на голем стрелец погоди за 2:0. Она што е за поздравување е вистинскoто “гол-чувство” на Станковски, бидејќи можеше да одбере каде ќе шутира, а тој одбра да шутира доле десно, онаму од кадешто се враќаше голманот на Плачковица и буквално беше невозможно да се реагира. 2:0 за ФК Каменица Саса. И тогаш концептот на ФК Плачковица Радовиш се распадна како кула од карти, тргнаа на се или ништо, па така дванаесет минути подоцна, нашите миленици го докрајчија противникот за конечни 3:0. Гостите нафрлија од корнер, Станковски прекрасно реагираше од одбрана, топката стаса до маѓионичарот Божинов кој додаде до Соколовски, а тој направи “хаос”во противничкиот тим, претрча 60 метри во стил на Усеин Болт, помина се што беше противнички играч, додаде по земја а Нешовски погоди за 3:0 и сите играчи победнички се упатија кон клупата на ФК Каменица Саса да прослават . Со резултат 3:0 заврши натпреварот. На натпреварот во Сабота, од резервна клупа во игра влегоа и Крстов Марио и Пешевски Виктор.

Честитки до судиите за коректното судење, честитки до стручниот штаб и фудбалерите на ФК Каменица Саса за прекрасниот натпревар и мудрата игра.

Продолжуваме победнички !

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *