Почитувани фудбалски фанатици и вљубеници во најважната споредна работа во светот,
Драги навивачи на ФК Каменица Саса,

ФК Каменица Саса продолжува со своите интервјуа со многу наши поранешни фудбалери. За денес нашето време е резервирано за човекот чија љубов кон фудбалот била посилна од уморот и километрите, човекот за кој преку ова интервју ќе се обидеме да направиме своевиден ретро-портрет. Ова е интервјуто со Љупчо Глигоровски.

ФК Каменица Саса : Добар ден Г-дине Глигоровски, како сте ?
Љупчо Глигоровски : Добро, во домашна атмосфера, ги следам препораките и упатства за заштита од коронавирусот. Вие како сте ?

ФК Каменица Саса : Благодариме на прашањето, и ние сме добри, ги следиме препораките и се надеваме дека ова што побрзо ќе заврши.
Г-дине Глигоровски, Вие сте познат во Каменичката јавност како голем заљубеник во фудбалот, но она што помладите генерации не го знаат, е од кога започнува Вашата љубов кон фудбалот ?!
Љупчо Глигоровски : Mojaта љубов кон фудбалот започнува во далечната 1976-та година, а мојот прв настап за ФК Саса е во 1977-та година.

ФК Каменица Саса : Тоа е само 8 години од формирањето на ФК Саса. Вие потекнувате од село Косевица, имаше ли Вашето село свој клуб ?
Љупчо Глигоровски : Селските клубови настанаа малку подоцна, моето село имаше фудбалски клуб тоа беше ФК Феок кој се натпреваруваше во Општинската Лига, но јас веќе бев регистиран како фудбалер на ФК Саса и немам играно во него.

ФК Каменица Саса : Колку километри е одалечено село Косевица од Македонска Каменица ?
Љупчо Глигоровски : 6км.

ФК Каменица Саса : Ајде да зборуваме за Вашите почетоци во ФК Саса. Со што доаѓавте на тренинг ?
Љупчо Глигоровски : За да сфатат младите фудбалери што значи љубов и желба за фудбал, би Ви кажал дека секој ден одев пешки на тренинг. По некогаш имавме и два тренинга, па пешки двапати на релација с.Косевица – Каменица – с.Косевица. Бев исклучително физички и кондиционо спремен, а мојата желба и љубов кон фудбалот беше посилна од уморот.

ФК Каменица Саса : Тоа му доаѓа 24 километри за еден ден, кога сте имале 2 тренинга. Голема била желбата и љубовта кон фудбалот. Во првата сезона од Вашата кариера, кој Ви беше тренер ?
Љупчо Глигоровски : Мој прв тренер беше професорот по физички Фиданчо, нека ми прости, во овој момент неможам да се сетам на неговото презиме, а со клубот раководеше Тихомир Георгиевски – Тише.

ФК Каменица Саса : На која позиција игравте и се сеќавате ли на имињата на Вашите соиграчи од сезоната 1977/78 ?
Љупчо Глигоровски : Мојата првична позиција беше десно крило, па десен бек за на крајот кариерата да ја завршам како лев бек. Мои соиграчи во тоа време беа Петров Томе, Ванчо Ѓоргиев, Панов Чочо, Петровски Славе, Хајро Куртовиќ, Рашков, Соколовски Бранко, Атанас Марковски, Велиновски Видо, Фиданчо Телетански, Јовановски Лазо, Арсов Љупчо, Благој Струков и други.

ФК Саса – Период 1977-1985
ФК Саса – Период 1977-1985
ФК Саса – Период 1977-1985

ФК Каменица Саса : Koи тренерски имиња беа дел од Вашата фудбалска кариера и постигнавте ли значајни клубски успеси ?
Љупчо Глигоровски : Со тимот кој го споменав погоре успеавме да станеме прваци во Брегалничкиот Регион и влеговме во Македонската Лига. Тренерските имиња кои беа дел од мојата фудбалска кариера беа : Јордан Минов, Мирко Наџаков, Пуриќ, Роксандиќ, Пазмањ, Ванчо Балевски, Сандев Симијон и други. Инаку морам да потенцирам дека секогаш бевме во врвот на табелата.

ФК Каменица Саса : Дали во тоа време имавте убави фудбалски примања и дали подоцна Ви беше обезбедено сместување за да не морате да пешачите со километри ?
Љупчо Глигоровски : Примањата во тоа време беа така да кажам непрофесионални, бевме исплаќани по правилник, но иако имавме примања тие во тоа време беа во втор план, во прв план секогаш беше љубовта кон клубот. По однос на сместување, да, клубот ни обезбедуваше сместување, дали индивидуално сместување или фамилијарно, зависно од нашиот статус. Во тоа време владееше една голема дисциплина и клубот по организираност беше на едно рамниште со Скопски Вардар. Се беше на ниво.

ФК Каменица Саса : Имавте ли цимер во времето кога ги браневте боите на ФК Саса ?
Љупчо Глигоровски : Имав повеќе цимери. Љубе Ѓуровски, Венцислав Симоновски – Кичо, Драги Сетинов, Фиданчо Телетански, Димитровски Владо и Панов Стојче.

ФК Каменица Саса : Кој од Вашите соиграчи беше најдисциплиниран, а кој знаеш да фати “кривина”?
Љупчо Глигоровски : Најдисциплиран беше голманот Томе Петров, а “кривинаш” неможам да посочам, сите бевме дисциплинирани.

ФК Каменица Саса : Со кој од соиграчите бевте најблизок?
Љупчо Глигоровски : Буквално со сите сум близок и ден денес, кога ќе се видиме чувствувам како заедно да имаме служено воен рок, едно прекрасно другарство до ден денес.

ФК Каменица Саса : Кога и каде ја завршивте Вашата кариера ?
Љупчо Глигоровски : Во ФК Саса ја започнав мојата кариера и на чесен, поштен и лојален начин тука истата и ја завршив. Крајот на мојата кариера се случи во 1986-та година.

1986-та година, крај на едни прекрасни фудбалски кариери – Стоиле Игнатов – Моцо и Љупчо Глигоровски
Во знак на благодарност за се она што го имаат дадено за ФК Саса им беа подарени часовници, како симбол на крајот на нивните фудбалски кариери

ФК Каменица Саса : Ќе можете ли да ни го издвоите најсмешниот момент коj го доживеавте како фудбалер ?
Љупчо Глигоровски : Имаше многу смешни моменти и анегдоти. Еве јас ќе издвојам еден. Бевме на припреми во Берово а тренер ни беше Петер Пуриќ. Имавме тренинзи од сабајле а потоа ручек. На ручекот ни сервираа јадење за кое нашиот тренер му рече на келнерот : “Дечко, па со ова јадење ни аут неможе да се изведе!”, по што ни ги појачаа ручеците, по 3 парчиња месо ни ставаа и кога се вративме од припреми сите имавме качена килажа. На првиот натпревар по припремите со екипата на Металург “неможевме да одиме”, изгубивме 5:2 а Пуриќ си замина од клубот 🙂 🙂 🙂 .

ФК Каменица Саса : Кој е Вашиот најтажен момент како фудбалер?
Љупчо Глигоровски : Кога зборувам за најтажниот момент во мојата фудбалска кариера целиот се ежам од мака. Тоа е секако моментот кога мојот цимер Љубе Ѓуровски, инаку одличен играч и репрезентативец на младинската фудбалската репрезентација на Југославија на патот Скопје – Каменица, патувајќи на натпревар прави сообраќајка и останува траен инвалид. Оваа прилика ова интервју ќе го искористам да го поздравам и исто така да упатам апел до раководството на ФК Каменица Саса, да го контактира и да поразговара со него. Голем човек е Љубе Ѓуровски.

Љубе Ѓуровски – фудбалер на ФК Саса и репрезентативец на младинската репрезентација на Југославија, останува инвалид по сообраќајка, патувајќи на натпревар на ФК Саса

ФК Каменица Саса : Велат “крушата под круша паѓа”, па така Вашиот син Дарко истотака беше многу талентиран фудбалер, настапувајќи за младинските категории на ФК Саса. Ќе бидете ли горд дедо, ако Вашите внуци Матеј и Максим го продолжат Вашиот фудбалски пат ?
Љупчо Глигоровски : Ако имаат желба, дај Боже да успеат, јас би бил горд на тоа.

ФК Каменица Саса : Што би им порачале на фудбалерите на младинските категории на ФК Каменица Саса ?
Љупчо Глигоровски : На младите би им посакал успешна кариера, да живеат здрав живот, без пороци како што се алкохолот и пушењето и трпеливо да ја чекаат својата шанса. Секој ќе добие шанса ако го слуша својот тренер.

ФК Каменица Саса : Г-дине Глигоровски Ви благодариме за одвоеното време и за љубовта посветена на нашиот омилен клуб ФК Саса.
Љупчо Глигоровски : Ви благодарам и на Вас и продолжете да го сакате клубот и да чекорите по фудбалските патишта по кои чекоревме ние, па да се надеваме дека што поскоро ќе ја видиме ФК Каменица Саса во Прва Лига. Поздрав до сите и чувајте се.

Благодарница на Љупчо Глигоровски за особен придонес во развојот и промоцијата на ФК Саса доделена на Манифестацијата 50 години ФК Саса
Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *