Почитувани фудбалски фанатици и вљубеници во најважната споредна работа во светот,
Драги навивачи на ФК Каменица Саса,

ФК Каменица Саса продолжува со своите интервјуа со многу наши поранешни фудбалери. За денес нашето време е резервирано за фудбалскиот “бренд” чиј прекар кажува СЕ, денес нашето време е резервирано за човекот чиј фудбалски талент е надалеку прочуен исто како што е и неговата втора љубов-угостителството, човекот за кој преку ова интервју ќе се обидеме да направиме своевиден ретро-портрет.
Ова е интервјуто со Методи Горгиев – Осим.

ФК Каменица Саса : Добровечер Г-дине Ѓоргиев, како сте ?
Meтоди Горгиев – Осим : Благодарам на прашање, добар сум, во домашна атмосфера, ги следам препораките на Министерството за Здравство и се надевам дека ова што се случува ќе заврши што побрзо.

ФК Каменица Саса : Денес би сакале да поразговараме за Вас и за Вашиот богат фудбалски опус, Г-дине Горгиев, каде и кога ги бележите Вашите фудбалски почетоци ?
Meтоди Горгиев – Осим : Моите фудбалски почетоци се во далечната 1971-ва година во екипата на Торпедо од Кочани.

ФК Каменица Саса : Вашите почетоци бележат ли настапи и за младински категории ?
Meтоди Горгиев – Осим : Да, мојата кариера ја започнав како член на младинските категории на екипата на Торпедо од Кочани која што се натпреваруваше во Брегалничкиот Регион, кадешто како голгетер бев земен во првиот тим на Toрпедо, кадешто истотака имав неколку одлични сезони кои изобилуваа со многу мои голови, за потоа мојот талент да го препознае вториот Кочански клуб Осогово кој се натпреваруваше во Првата Македонска Лига и истите да ме земат во нивните редови, од кадешто одам во Напредок Пехчево, па Малеш во Берово кадешто останувам се до моето заминување за Македонска Каменица во екипата на ФК Саса.

ФК Каменица Саса : Кога се Вашите почетоци во ФК Саса ?
Meтоди Горгиев – Осим : Моите почетоци во ФК Саса се во далечната 1979 година, во едно прекрасно фудбалско време, време на големо другарство, дисциплина и љубов кон спортот.

ФК Каменица Саса : Кои беа Ваши тренери кои Ви ги покажуваа Вашите фудбалски патишта долж Вашата прекрасна фудбалска кариера ?
Meтоди Горгиев – Осим : Мојот фудбалски пат започна со тренерот Хаџиев во Торпедо, па Ивче Диневски во Осогово, па да продолжам да работам под диригентската палка на тренерите на ФК Саса Јордан Минов, Мирко Наџаков, Петар Пуриќ, Роксандиќ, Пазмањ, Ванчо Балевски, и други.

Методи Горгиев – Осим со својот тренер Петар Пуриќ

ФК Каменица Саса : Кои беа Ваши соиграчи во ФК Саса ?
Meтоди Горгиев – Осим : Во ФК Саса имав многу соиграчи, прекрасни фудбалски имиња како Петров Томе, Панов Стојчо Цоцо, Дуле Милосављевиќ, Јаким Бакулевски, Кировски, Јастре Јаневски, Петровски Славе, Хајро Куртовиќ, Љупчо Рашков, Драги Стојановски, Бранко Петревски, Стоиле Игнатов – Моцо, Љубе Ѓуровски, Венцислав Симоновски – Кичо, Љупчо Секулов, Љупчо Глигоровски, Ванчо Костенчев, Владо Ристов, Васе Коцев, Данев, Тоше Нацев, Лазо Јовановски, Драги Сетинов, Јоце Стојов, Бранко Младеновски и други а овој момент, ова интервју би сакал да го искорисам да одадам посебна почит кон фудбалерите кои беа дел од мојата фудбалска кариера а повеќе не се меѓу нас, Бранко Соколовски, Симијон Сандев, Благој Струков и Стојче Зарков.

“Убиствениот тим” на ФК Саса кој играше пред полни трибини
Методи Горгиев – Осим – Горе Десно

ФК Каменица Саса : Кои клубски фудбалски успеси ја одбележаа Вашата кариера во ФК Саса ?
Meтоди Горгиев – Осим : Како клуб секогаш бевме во врвот на Првата Македонска Лига.

ФК Каменица Саса : Г-дине Ѓоргиев, Каменичката фудбалската јавност Ве знае под прекарот “ОСИМ”, oд каде и зошто таков прекар ?
Meтоди Горгиев – Осим : Мојот прекар доаѓа од познатиот Ивица Осим, кој беше фудбалер во Железничар а потоа знаете и успешен тренер, мојот стил на игра, потсетуваше на неговиот и од тогаш до денес, сум познат како “ОСИМ”.

ФК Каменица Саса : Имате ли натпревар кој Ви е посебно драг ?
Meтоди Горгиев – Осим : Драг ми е натпреварот со ФК Победа во Прилеп, кога им дадов два гола.

ФК Каменица Саса : Фудбалот е спорт во кој се победува, но и се губи. Има ли натпревар кој Ве натажи како човек и фудбалер ?
Meтоди Горгиев – Осим : Тажен натпревар секако ми е поразот дома од Победа Прилеп, кога на Градскиот Стадион во Македонска Каменица игравме пред 6000 публика, изгубивме 1:2 во последните моменти од мечот, тогаш јас го постигнав голот за ФК Саса и имав статива.

ФК Каменица Саса : Како се однесуваше Каменичката публика кон Вас, фудбалерите условно кажано “од страна” ?
Meтоди Горгиев – Осим : Можам да кажам дека бев прекрасно примен од Каменичката публика и дека имаше прекрасно навивање и полни трибини.

ФК Каменица Саса : Долги години сериозно и посветено се бавите со угостителство, Вашиот Ресторан “8-ица” е широко познат по вкусната храна. Дали доаѓаат во Вашиот ресторан Ваши поранешни соиграчи, фудбалски работници, сегашни фудбалери и тренери ?
Meтоди Горгиев – Осим : Многу, многу поранешни мои соиграчи, многу фудбалски работници, поранешни и сегашни, многу сегашни фудбалери доаѓале и доаѓаат во мојот Ресторан 8-ица. Последно големо фудбалско име кое дојде во мојот Ресторан 8-ица и тоа неодамна беше легендата на Вардар, Јастре Јаневски, за кој имам само суперлативи и како фудбалер и како човек.

ФК Каменица Саса : Што мислите за денешната ФК Каменица Саса. Дали се разива во правилна насока и кое вашето мислење за самото раководење со клубот ?
Meтоди Горгиев – Осим : Па мислам дека дечките се млади, можеби им треба повеќе искуство, но се гледа ентузијазам и љубов, истотака мислам дека Претседателот на клубот коректно си ја врши работата. Се надевам дека много скоро ќе ја видиме ФК Каменица Саса во Прва Лига.

ФК Каменица Саса : Љубовта кон ФК Саса сеуште се чувстува кога се разговара со Вас. Знаеме дека ги следите натпреварите на ФК Каменица Саса. Но, многумина можеби незнаат дека на Ваш начин и го помагате клубот. Како ?
Meтоди Горгиев – Осим : Па да, ФК Саса ми е во срцето, ги следам натпреварите и секогаш кога можам го помагам клубот, еве последно, обезбедивме опрема за тренирање за фудбалерите и ако има потреба и понатаму ќе помагаме.

ФК Каменица Саса : Издвојте ни една анегдота еден смешен момент од Вашите години поминате во ФК Саса ?!
Meтоди Горгиев – Осим : Тоа е секако натпреварот ФК Саса – ФК Победа пред 6000 публика. Тогаш Брегалница Штип и Победа Прилеп се бореа за влез во Југословенската Лига, навивачите на ФК Брегалница Штип кои беа дојдени во голем број скандираа од трибините “Друже Осиме, ми ти се кунемо” за да им дадам гол на Победа, јас постигнав еден гол и погодив статива, но загубивме. 🙂

ФК Каменица Саса : Со кој од соиграчите бевте најблизок ?
Meтоди Горгиев – Осим : Со сите мои соиграчи имав прекрасен и коректен однос, како тогаш така и сега.

Методи Горгиев – Осим и Ванчо Костенчев

ФК Каменица Саса : Што ќе кажете за Тихомир Ѓеоргиевски – Тише, човекот чие име длабоко е врежано со развојот на ФК Саса
Meтоди Горгиев – Осим : Ќе бидам краток, таков човек повеќе не се раѓа.

ФК Каменица Саса : Кој Ви е омилен светски клуб ?
Meтоди Горгиев – Осим : Арсенал.

ФК Каменица Саса : Кој Ви е омилен фудбалер ?
Meтоди Горгиев – Осим : Душко Бајевиќ.

ФК Каменица Саса : Беа ли гледани фудбалерите на ФК Саса во Ваше време, со едни поинакви очи, беа ли огледало на едно опшество ?
Meтоди Горгиев – Осим : Да да, бевме симбол на дисциплина и здрав живот.

ФК Каменица Саса : Дали Вашата сопруга ја запознавте како фудбалер или потоа ?
Meтоди Горгиев – Осим : Да да, како фудбалер, во Берово.

ФК Каменица Саса : Вашиот син истотака се бавеше со фудбал и беше доста добар. И потоа и тој како Вас продолжи да се бави со угостителство. Дали ќе бидете горд доколку Вашите внуци го продолжат Вашиот фудбалски пат и се занимаваат со фудбал ?
Meтоди Горгиев – Осим : Нема поголемо богатство од фамилијата и да секако ќе бидам горд.

ФК Каменица Саса : Што би им порачале на младинските категории на ФК Каменица Саса.
Meтоди Горгиев – Осим : Да тренираат, да бидат упорни и да ги води желбата и љубовта кон фудбалот.

ФК Каменица Саса : Г-дине Горгиев Ви Благодариме за одвоеното време.
Meтоди Горгиев – Осим : Ви благодарам и на Вас, да се здрави и живи и секое добро.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *