Почитувани фудбалски фанатици и вљубеници во најважната споредна работа во светот,
Драги навивачи на ФК Каменица Саса,

ФК Каменица Саса продолжува со своите интервјуа со многу наши поранешни фудбалери. За денес нашето време е резервирано за човекот на кого ФК Саса сеуште му е во срцето, а Македонска Каменица ја чувствува како свој втор дом. Човекот кој беше дел од Прволигашкиот Тим на ФК Саса, некаде во периодот 2000-2001 година.
Ова е интервјуто со Стефан Петковски

ФК Каменица Саса : Здраво Стефан, како си ?
Стефан Петковски :
Здраво и до ФК Каменица Саса, јас сум добар, се надевам дека и Вие сте добри.

ФК Каменица Саса : На барање на голем дел од навивачите кои сакаа да слушнат, што правиш, каде си а најповеќе каков беше периодот поминат во ФК Саса, одлучивме да направиме едно интервју со Вас. Ајде да почнеме со Вашите фудбалски почетоци. Каде почнавте да се занимавате со фудбал ?
Стефан Петковски :
Кога зборувам за ФК Саса, задоволство е мое и со задоволство ќе бидам дел од ова интервју. Прво, јас моментално сум во Германија, овде ќе останам краток период. За периодот поминат во ФК Саса ме врзуваат само убави спомени, прекрасно дружење, слога и играње со прекрасни фудбалери. Инаку, јас сум од Струмица, мојата фудбалска кариера започнува во ФК Беласица, кадешто ги поминувам сите младински категории и со 15 и пол година влегувам во Сениорскиот Тим на ФК Беласица. По, Беласица, продолжив во Силекс, па во Куманово, па во Малеш, од кадешто дојдов во мојата ФК Саса. По ФК Саса играв уште на неколку места, бев во пак во Малеш и Беласица, во Брегалница Делчево и Брегалница Штип, бев во Башкими со кој го освоив Купот на Македонија, играв и во Грција, за на крајот кариерата да ја завршам во ФК Беласица.

ФК Каменица Саса : Која година доаѓате во ФК Саса и кој Ви понуди да бидете дел од ФК Саса?
Стефан Петковски : Aко не се лажам, тоа беше некаде периодот 1999-2000-2001 година, не се сеќавам точно. А инаку дојдов по разговорите со тогашните раководни лица на клубот Виде Велиновски и Драган Ангеловски и секако после разговорот со “Легендата” Томе Петров. Инаку во ФК Саса, тренери ми беа прво, Јордан Самоковлиски а потоа и сегашниот тренер на ФК Саса, Мите Митев.

Стефан Петковски – долен ред, од лево кон десно 6-ти
ФК Саса од лево кон десно :
стојатМицевски, Сетинов, Темчев, Горѓиев, Игнатов Угреновиќ, Трајковски Клашња, Ивановски , Стојанов, Ангеловски, Ѓуриќ, Ивановски, Јакимов, Ќиров, Анастасовски, Христов, Николов, Петров, Стојковски
седат – Данев, Сасански, Атанасов, Самоковлиски, Васевски, Петковски, Јовановски, Стојов


ФК Каменица Саса : Пред да дојдете во Македонска Каменица имавте ли некакво мислење за градот и со какво импресии си заминавте од тука ?
Стефан Петковски : Видете иако дојдов од поголем град како што е Струмица, јас немав никакви комплекси поврзани со тоа во колкаво место ќе играм. И така и беше, Македонска Каменица иако е мало место, сепак е прекрасно и сеуште сум горд што скоро две години сум живеел таму.

ФК Каменица Саса : Каде беше сместен во Македонска Каменица?
Стефан Петковски : Бев сместен во хотел, во центарот на градот, мислам дека се викаше Хотел Саса.

ФК Каменица Саса : Што мислиш за нашата публика?
Стефан Петковски : За публиката можам да кажам се најдобро, гледаа и го разбираа фудбалот. Заслужува оваа публика да има Прволигаш, а како што гледам ФК Каменица Саса не котира многу лошо и со добра работа би можела да се врати во Прва Лига.

ФК Каменица Саса : Од екипата со која настапуваше, кој беше најдисциплиниран, кој знаеше да фати кривина и кој имаше најголема смисла за хумор.
Стефан Петковски : Па да ти кажам, сите бевме дисциплинирани, тоа беше екипа во која беше Васевски, Темчев, Тенев, Сасански и многу други прекрасни играчи да не ги набројувам сите, а секако за хумор најдобар беше Тони Анастасовски, кој беше и голем фудбалски талент.

ФК Каменица Саса : Со кого најмногу се дружеше и кој ти беше цимер ?
Стефан Петковски : Во периодот додека бев во ФК Саса, бевме 4 Струмичани и најмногу се дружев со нив, а цимер ми беше еден од нив, Тони Атанасов, кој е сега тренер во екипата на Академија Пандев.

ФК Каменица Саса : На која позиција играше и која бројка најчесто ја носеше?
Стефан Петковски : Мојата позиција беше штопер, заедно со Иле Јакимов во еден период и со Зоран Васевски истотака, инаку најчесто носев 6 или 4.

ФК Каменица Саса : Кој е најдобриот играч против кој имаш играно?
Стефан Петковски : Тоа е Матеја Кежман против кого играв пријателски натпревар, јас како дел од ФК Силекс, тој како напаѓач на Партизан, инаку од моите соиграчи иако сите беа добри, капа доле можам да им симнам на Тони Анастасовски, Кире Темчев и Зоран Васевски.

ФК Каменица Саса : Oмилен клуб ?
Стефан Петковски : Реал Мадрид.

ФК Каменица Саса : Oмилен играч?
Стефан Петковски : Роналдо.

ФК Каменица Саса : Koj фудбалски натпревар како играч на ФК Саса никогаш нема да го заборавиш ?
Стефан Петковски : Тоа е секако натпреварот против ФК Беласица, кога изгубивме во Македонска Каменица со 0:1.

ФК Каменица Саса : Со кои успеси ја заврши твојата професионална фудбалска кариера ?
Стефан Петковски : Јас бев дел од сите младински категории на Фудбалската Репрезентација на Македонија, со Силекс бев шампион во првенството и играв Лига на Шампиони а со Башкими го освоив Купот на Македонија.


ФК Каменица Саса : Што по завршувањето на кариерата ?
Стефан Петковски : По завршувањето на кариерата бев тренер, на младинци на ФК Беласица, па на првите тимови на ФК Беласица и Тиверија, сега помалку се занимавам како фудбалски менаџер.

ФК Каменица Саса : Ти недостига ли некое Каменичко јадење понекогаш ?
Стефан Петковски : Да да, нели до трибините на Градскиот Стадион во Македонска Каменица имаше клубски ресторан. Ми недостигаат кебапите кои ни ги правеа таму. 🙂 🙂 🙂

ФК Каменица Саса : Сега си среќно оженет…
Стефан Петковски : Да сега сум среќно оженет и имам два прекрасни синови.

ФК Каменица Саса : Стефан ти благодариме за одвоеното време, поздрав и секое добро.
Стефан Петковски : Ви благодарам и на Вас што се сетивте на мене и се надевам, кога ќе се вратам во Македонија ќе имаме можност да се видиме и да поразговараме повеќе. Секое добро.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *