Почитувани фудбалски фанатици и вљубеници во најважната споредна работа во светот,
Драги навивачи на ФК Каменица Саса,

ФК Каменица Саса продолжува со своите интервјуа со многу наши поранешни фудбалери. За вечерва нашето време е резервирано за човекот кој вели дека годините поминати во ФК Саса му се најубавиот период во животот. Тоа е човекот кој беше “гранит” во одбраната на ФК Саса и човек чие фудбалско време сеуште трае, но овојпат во друга фудбалска форма – тренер.


Ова е интервјуто со Драги Стојановски.

ФК Каменица Саса : Здраво Драги, како си ?
Драги Стојановски : Благодарaм на прашањето, добро сум.

ФК Каменица Саса : Ти си еден од фудбалерите кои оставија силен белег во постоењето на ФК Саса и фудбалер чие фудбалско минато сеуште наголемо се прераскажува во Македонска Каменица. Кога последен пат беше во Македонска Каменица ?
Драги Стојановски : Последен пат во Македонска Каменица бев на прославата на 50 годишен јубилеј од формирањето на клубот ФК Саса во Декември 2018-та година.

ФК Каменица Саса : Кога и каде започна твојата фудбалска кариера ? Од која катeгорија започна твојот фудбалски пат ?
Драги Стојановски : Мојата кариера  започна во 1970-тата година во селекција на ФК ВАРДАР во пионерска категорија на 13 годишна возраст.

ФК Каменица Саса : Кога започна твојот професионален фудбалски ангажман, кој е првиот клуб во кој настапи како професионален фудбалер ?
Драги Стојановски : Мојот професионален ангажман започна за првпат во 1975 год. како сениор во ФК ФАС 11 Октомври  тим кој тогаш беше во првата Македонска лига таму и започна  мојата фудбалска кариера како професионален фудбалер.

ФК Каменица Саса : За кои клубови имаш настапувано во твојата богата фудбалска кариера ?
Драги Стојановски : ФК ФАС 11 ОКТОМВРИ, ФК СЛОГА Скопје, ФК РАБОТНИЧКИ Скопје, ФК САСА М.КАМЕНИЦА, ФК ТОРОНТО МАКЕДОНИЈА од Канада, ФК МАКЕДОНИЈА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ, ФК ОХРИД.

Драги Стојановски на Градскиот Стадион во Македонска Каменица

ФК Каменица Саса : Кога за првпат го облече дресот на ФК Саса, на која позиција играше и колку години беше дел од Рударскиот зелено-црн колектив ?
Драги Стојановски : Во САСА за првпат заиграв во летото 1986 год. Играв на позицијата либеро, како последен играч во одбраната и во ФК Саса поминав 10 убави фудбалски години.

ФК Каменица Саса : Иако твојата позиција била првенствено да се одбрани сопствениот гол а потоа да се нападне противничкиот, сепак се сеќаваш ли на постигнат гол за ФК Саса ?
Драги Стојановски : Мислам дека немам постигнато гол за клубот но секако мојата главна задача беше да го штитам нашиот гол, а за постигнување голови имаше задолжено други играчи. Во почетокот на мојата кариера постигнав повеќе голови од кои поголем број беа постигнати со глава. Во една прилика се сеќавам кога на клупата беше присутен творецот на таа генерација Тихомир Георгиевски – Тише сега веќе покоен во налетот на играта тргнав да одам во напад но тој на сиот свој глас почна да вика да не ја напуштам својата позиција односно да останам позади да не примиме гол и од тогаш  повеќе не ми текна да одам напред.

ФК Каменица Саса : Ако треба да избереш кој натпревар во дресот на ФК Саса ти е најдраг, а кој најтажен ?
Драги Стојановски : Како најдраг натпревар можам да го издвојам мечот против Слога Југомагнат Скопје на гостински терен кога во директна борба на стадионот во Чаир извојувавме победа со 2-0 и станавме прваци на Македонија а како најтажен напревар ми беа сите натпревари каде немавме постигнато победа.

ФК Каменица Саса : Знаеме дека ФК Саса во Ваше време беше силен колектив и професионалноста беше одлика на клубот, одевте ли често во карантин ? Кој ти беше цимер додека бевте во карантин ?
Драги Стојановски : Во карантин одевме кога имавме потреба односно одењето во карантин зависеше од важноста на натпреварот. Цимер во карантин ми беше Дуле Милосавлевиќ  а потоа Влатко Гошев.

ФК Каменица Саса : Кои беа твои соиграчи и би можел ли да ни издвоиш кој од нив, беше најдисциплиниран, а кој “знаеше” да фати кривина ?
Драги Стојановски : Мои соиграчи во тоа време беа: Томе Петров, Кире Темчев, Саше Мицевски, Виктор Ефтимов, Влатко Јанев, Душко Петровски, Благојче Димитров, Саше Васевски, Љупчо Стојковски, Гоце Данев, Бранко Младеновски, Владо Трифунов, Дуле Милосавлевиќ, Горан Георгиев, Пере Стојановски, Маријан Стојчевски, Валентин Стојков, Тони Анастасовски, Влатко Гошев, Лазо Јовановски, Маријанчо Атанасов, Тоде Митев, Бранко Петровски и други а како нај дисциплиниран беше Томе Петров а најнедисциплиниран беше Маријанчо Атанасов.

ФК Каменица Саса : Што ќе кажеш за публиката на ФК Саса, во тоа време популарните “Багери ? Беше ли празник денот кога ФК Саса играше дома ? Ти недостига ли клубот ?
Драги Стојановски : За публиката на ФК САСА  можам да кажам се најдобро тие имаа големо разбирање за фудбалот навиваа коректно и ни беа од голема помош за што сум им и многу благодарен.Денот кога САСА играше дома доаѓаа во голем број навивачи  да го бодрат својот клуб. Секако ми недостига клубот а посебно играчите со кои настапував како и дружењето со нив бидејќи имавме прекрасна атмосфера во клубот.

ФК Каменица Саса : Го пратиш ли сегашниот развој на клубот, што би предложил, што ти се допаѓа, а што би можел добронамерно да искритикуваш ?
Драги Стојановски : Да, ги пратам  резултатите на клубот и верувам дека клубот е правилно воден и искрено се радувам на неговите успеси а би предложил да обрнат повеќе внимание на развојот на младите категории во клубот и да инвестираат повеќе во нив и им посакувам уште поголем успех.

ФК Каменица Саса : Имаш ли настапувано во Македонска Фудбалска Репрезентација?
Драги Стојановски : Голем дел од мојата кариера беше во тогашната СФРЈ и играв за аматерската репрезентација составена од првата Македонска Фудбалска Лига и игравме против репрезентациите од бившите републики, по осамостојувањето на Република Македонија јас бев веќе повозрасен и беше касно да играм за репрезентација.

Драги Стојановски, дел од Манифестацијта 50 години ФК Саса, на која му беше врачена благодарница за особен придонес во развојот и промоцијата на клубот

ФК Каменица Саса : Знаеме дека твојот фудбалски пат го продолжи како тренер. Што би ни издвоил од твојата тренерска кариера ?
Драги Стојановски : Јас  со тренерска работа почнав да се занимавам по завршувањето на мојата фудбалска кариера како тренер во ФК Работнички Скопје во младинските категориии на истиот, и до ден денес сум тренер во истиот клуб, можам да се пофалам дека сум тренирал голем дел од репрезентативците од селекцијата на Македонија Како што се Крсте Велковски, Дамјан Шишковски (голман), Ѓоко Зајков, Дарко Велковски, Даниел Аврамовски и последен македонскиот бисер Елиф Елмас кои во моментов настапува за Наполи.

ФК Каменица Саса : Твојата кариера помина под диригентска палка на кои тренери ?
Драги Стојановски : Мојата кариера помина со повеќе тренери меѓу кои беа и Жмара Цветковски, Зоран Мишиќ, Андон Бојаџиев, Јово Никушев, Андон Дончевски, Ванчо Балевски, Др Иван Дечев, Лјубе Јанчев, Добре Димовски, Вангел Симев, Јордан Минов, Кире Јуруков и мојот најдобар бивш соиграч Лазо Јовановски по мене најдобриот центарфор во Македонија во тоа време

ФК Каменица Саса : Кои беа тренерите на ФК Саса низ чии лекции ги помина убавите фудбалски години во Македонска Каменица ?
Драги Стојановски : Ванчо Балевски, Др Иван Дечев, Лјубе Јанчев, Добре Димовски, Вангел Симев, Јордан Минов и Лазо Јовановски.

ФК Каменица Саса : Што би им порачал на младинските категории на ФК Саса ?
Драги Стојановски : На младинските категории на ФК САСА би им порачал следново: Верувајте во себе и секогаш сетете се зошто сте избрале да играте фудбал. Единствен начин да постигнете успех е да го сакате тоа што го работите, ако сакате да постигнете ниво на мајсторство во нешто тоа бара да повторувате илјадници пати иста работа додека тоа не стане дел од вас. Еден познат писател рекол: успех е ништо друго од одење од неуспех во неуспех без откажување. Луѓето не одлучуваат за својата иднина туку тие одлучуваат за своите навики, а нивните навики одлучуваат за нивната иднина.

ФК Каменица Саса : Со кој поранешен фудбалер на ФК Саса и ден денес си близок, а со кој си најблизок ?
Драги Стојановски : Близок сум со сите поранешни играчи посебно со Лазо Јовановски, Зоки Васевски, Пере Стојановски, Маријан Стојчевски, Дуле Милосавлевиќ, Бранко Петровски, Тони Анастасовски, Горан Георгиев, Влатко Гошев и други.

ФК Каменица Саса : Сега си среќно оженет…
Драги Стојановски : Да среќно сум оженет со сопругата Олгица со која го имаме синот Горан.

ФК Каменица Саса : Од каде прекарот “Мечка” ?
Драги Стојановски : Прекарот Мечка го добив за првпат кога играв за ФК Саса, искрено не сум многу горд на тој прекар.

ФК Каменица Саса : Некој смешен момент од натпреварувањето за ФК Саса ?
Драги Стојановски : Имаше доста смешни моменти во тоа време но ќе издвојам еден за кој се секавам дека се одвиваше во соблекувалните на самиот клуб, некои од играчите стално ми го земаа мојот шампон за туширање поради тоа јас еден ден донесов ГЛОС – средство за миење садови коешто го претурив во шише од шампон при што  играчите повторно го земаа мојот шампон но овој пат се тушираа со средство за миење садови и им требаше подолго време да се измијат.

ФК Каменица Саса : Помтиш ли некое Каменичко јадење кое ти остави посебен впечаток ?
Драги Стојановски : Најчесто јадевме скара во клубскиот ресторан и мучкалица кај популарниот Чауш.

ФК Каменица Саса : Кој ти е омилен клуб и кој ти омилен фудбалер ?
Драги Стојановски : Имав повеќе омилени клубови, во моментов омилен клуб ми е ФК Ливерпул поготово од кога со ФК Работнички каде јас бев помошен тренер на првата екипа во тоа време 2010 година, во Лигата на Шампионите, гостувавме на Enfield Road. Таму после натпреварот  ние тренерите бевме поканети од тогашниот тренер на Ливерпул Roy Hodgson  кој подоцна беше и селектор на Англиската Фудбалска Репрезентација а сегашен тренер на Crystal Palace и oд легендата на Ливерпул, Кени Далгиш. Имам многу омилени фудбалери но би го издвојил Ван Дајк бидејки  и тој е одбранбен фудбалер.

ФК Каменица Саса : Беа ли фудбалерите на ФК Саса во “Ваше време” магнет за припадничките на понежниот пол ?
Драги Стојановски : Верувам дека беа, бидејки секаде во светот се актуелни фудбалерите.

ФК Каменица Саса : Се имаш ли опиено за време на твојот престој во Македонска Каменица ?
Драги Стојановски : Да, повеке пати кога имаше повод за тоа меѓутоа се беше во границите на дозволеното, и тоа се случуваше кога немавме натпревари.

ФК Каменица Саса : Познаваш ли некој новинар кој ти остави впечаток додека беше во Македонска Каменица ?
Драги Стојановски : Да секако новинарот Киро Златановски кој често беше во контакт со играчите на ФК Саса и секогаш добиваше информации од нас од прва рака.

ФК Каменица Саса : Имаше ли кафичи во тоа време, излегувавте ли и каде ?
Драги Стојановски : На почетокот кога дојдов во Македонска Каменица можеби немаше многу кафичи, но кафеани имаше со сигурност, најчесто одевме во една кафеана (Ливада) која се наоѓаше во близина на Рударскиот Дом и во кафеаната кај базенот.

ФК Каменица Саса : Какви беа примањата во клубот и до која висина стигнуваа премиите ?
Драги Стојановски : Во тоа време ФК САСА беш еден од најорганизираните клубови со солидни примања инаку мене ми беше најважно атмосферата и дружењето во клубот и во тоа време најмалку размислував за финансиите. Се живееше убаво  ако размислувавме  за пари  тогаш ке направевме многу поголеми кариери. Во моментов не би можел да се сетам колку точно изнесуваа тогашните премии но од се највжно беше дека секогаш беа редовни и бевме задоволни.

ФК Каменица Саса : Имавте ли квалитетна фудбалска опрема ?
Драги Стојановски : Да можам да кажам дека секоја сезона клубот набавуваше квалитетна опрема и ги имавме сите расположливи реквизити во тоа време за тренинг од топки до фудбалска опрема – дресови, јакни, тренерки и др.

ФК Каменица Саса : Кој играч како фудбалер на ФК Саса ти беше најтежок за чување во цела лига ?
Драги Стојановски : Кога  бев  физички спремен и расположен за игра ниеден играч не ми претставуваше проблем за чување, би издвоил еден играч за кој мислам дека би имал проблем со чување но за среќа тој беше мој соиграч а тоа е Лазо Јовановски.

ФК Каменица Саса : Драги ти благодариме за одвоеното време и за се она што го имаш дадено за ФК Саса, голем поздрав од Македонска Каменица и секое добро.
Драги Стојановски : Ви благодарам и на Вас што ме потсетивте на едни убави фудбалски времиња и за крај на ова интервју би оставил и еден коментар, онака од срце :
Најубавиот период од мојот живот беа годините поминати во ФК САСА, и искрено се надевам дека со моето присуство барем малце имам придонесено за самиот клуб.


Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *