Почитувани фудбалски фанатици и вљубеници во најважната споредна работа во светот,
Драги навивачи на ФК Каменица Саса,

ФК Каменица Саса продолжува со своите интервјуа со многу наши поранешни фудбалери. За вечерва нашето време е резервирано за човекот кој љубовта кон ФК Саса по некоја случајност ја има во своето презиме. Човекот кој како фудбалер беше врвен професионалец и еден од кондиционо-најспремните фудбалери во Македонија, човек кој играше на повеќе позиции и човек чие фудбалско време сеуште трае, но денес во друга фудбалска форма – тренер.

Ова е интервјуто со Илија Сасански.

ФК Каменица Саса : Добровечер Илија, како си ? Пред да го започнеме нашиот денешен разговор, би сакале на тебе, но и на сите граѓани на Македонска Каменица и на нашата татковина, да им ги честитаме Велигденските Празници посакувајќи Ви многу здравје, среќа и радости во годините што доаѓаат и нека љубовта и семејната хармонија бидат дел од Вашите домови.
Илија Сасански : Добровечер и на Вас, благодарам на прашањето, секогаш добро 😀 Истотака и јас би Ви ги честитал празниците и би Ви порачал Велигден да Ви донесе нова надеж, среќа, напредок, а Божјата милост секогаш нека биде со вас. Најубавите благослови нека ве допрат нека ви ја исполнат душата со радост и задоволство.

ФК Каменица Саса : Вие бевте дел од еден прекрасен тим на ФК Саса, но да позборуваме малку за пред тоа, каде и кога ги бележите Вашите фудбалски почетоци ?
Илија Сасански : Најнапред сакам да изразам благодарност што ме контактиравте и ме навративте на многу убави спомени и време поминато во Фудбалскиот Клуб Саса. Како што се гледа, моето презиме го содржи името на клубот: Сасански- Саса. Некои од пријателите и ме нарекуваат САСА. Со фудбал почнав да се занимавам уште од најмала возраст, кога во моето родно место Пехчево, играв во тамошниот клуб Напредок до своја 14-та годишна возраст. Љубовта за овој спорт сум ја наследил од мојот дедо, кој исто така играл во овој клуб и често ме водеше на натпревари.

ФК Каменица Саса : Кои младински категории ги поминавте како фудбалер, а потоа и како сениор во кои клубови игравте и имавте ли забележителни тимски успеси ?
Илија Сасански : Како младинец играв во тогашната најдобра фудбалска школа на ФК Вардар од Скопје. Потоа следеа клубовите Брегалница од Делчево, Малеш од Берово, Тиквеш од Кавадарци, Осогово од Кочани, Саса од Македонска Каменица, Цементарница Скопје, Спартак од Варна-Бугарија, Дачија од Кишинев-Молдавија…Во перидот кога играв за Цементарница Скопје, клубот го освои Купот на Македонија. А додека играв во Брегалница Делчево, клубот се пласираше во прва лига.

Илија Сасански – долен ред, од лево кон десно – втор
ФК Саса од лево кон десно :
стојат – Мицевски, Сетинов, Темчев, Горѓиев, Игнатов Угреновиќ, Трајковски Клашња, Ивановски , Стојанов, Ангеловски, Ѓуриќ, Ивановски, Јакимов, Ќиров, Анастасовски, Христов, Николов, Петров, Стојковски
седат – Данев, Сасански, Атанасов, Самоковлиски, Васевски, Петковски, Јовановски, Стојов
Извадок од весник напишан за вториот гол постигнат како играч на Дачија Кишињев, Молдавија
Извадок од весник – Илија Сасански дел од Цементарница (со која го освојува Купот на Македонија) во дуел со играч на Вардар

ФК Каменица Саса : Која година го одигравте првиот натпревар за ФК Саса ?
Илија Сасански : Се сеќавам тоа беше во сезоната 2000/2001, се играше Куп натпревар со Пелистер, со резултат 1:1 во регуларниот дел, а заврши со пенали 2:4 за Пелистер.

Извадок од весник – Илија Сасански по неговото доаѓање во ФК Саса

ФК Каменица Саса : Кои се тренерите кои беа дел од Вашата фудбалска кариера ? 
Илија Сасански :
Имав многу солидни тренери, дури 33 на број, и меѓу нив се вбројуваат: Кочо Димитровски, Сократ Мојсов, Петар Шулинчевски, Перица Груевски, Александар Панајотовиќ, Лазар Плачков, Зоран Стратев, Мите Митев, Јордан Самоковлиски… и уште многу други. Од сите нив можев да научам по нешто ново и корисно. Но, би сакал да го издвојам тренерот Љупчо Нешовски, кој своето фудбалско образование го стекнал во тогашниот Државен  Институт за Фискултура-ДИФ во Белград, поранешна Југославија. Ми беше тренер и ментор во Малеш и несебично ми ги пренесуваше тајните на фудбалската игра при индивидуалните тренинзи, и тимската игра. Знаеше да каже дека постојат два типа на тренери: тренери и ТРЕНЕРИ. Првите ги нарекуваше демонстратори, а за вторите велеше дека се едуцирани тренери кои знаат зошто, како, кога и колку се тренира.

ФК Каменица Саса : Вие бевте еден доста продорен играч која истовремено поседуваше и фудбалски инает и упорност. За оние што незнаат  на која позиција игравте и кој број најчесто го носевте ? 
Илија Сасански : Во клубовите играв на повеќе различни позиции. Најнапред започнав како крило, играв и како централен напаѓач-шпиц, а потоа и на сите позиции во одбраната. Поради мојата добра физичка подготвеност можев да се повторувам во спринтот како во нападот така и во одбраната, и поради тоа играв и на десна и лева бековска позиција во тимот. Инаку мој омилен број е 13, и секогаш кога имаше можност, го бирав и носев тој број. 

ФК Каменица Саса : На чија понуда станавте дел од ФК Саса ? 
Илија Сасански : Иницијатива за мој ангажман во клубот Саса дојде од Венцислав Симоновски-Кичо. Тој, во преговорите со тогашниот градоначалник на М. Каменица, го договори мојот ангажман во клубот.

ФК Каменица Саса : Кои беа Вашите соиграчи во ФК Саса?
Илија Сасански : ФК Саса имаше тим кој беше за респект во тогашната Македонска фудбалска лига. Би ја издвоил легендата на Саса, Анастасовски, потоа Личанин-воедно и најзвучното име во тоа време, кој дојде од Белградски Партизан (со кого често пати правевме индивидуални тренинзи, и истрчувавме на ридот кон браната Калиманци), Васовски, Петковски, Љупчо Ивановски, брат му Даниел Ивановски кој во тој период започнуваше со кариерата, Кире Јовановски, Тони Атанасовски, Начевски, Зоран Шуманов, Виктор Горгиев, Ласте, Стојов, Борче, Христов…

Извадок од весник – Извештај за минутажата на фудбалерите на ФК Саса, кој говори за физичката спремност на Илија Сасански

ФК Каменица Саса : Кој беше најдисциплиниран а кој сакаше понекогаш да “фати кривина” ?
Илија Сасански : Во тоа време владееше голема дисциплина во клубот, така да не можам да издвојам ниту еден играч кој не бил послушен. Факт е дека одговорноста кон клубот и играта во тоа време беше на највисоко ниво.

ФК Каменица Саса : Одевте ли во карантин во тоа време ?
Илија Сасански : Вообичаено, пред утакмица одевме во карантин, во Домот на Рударите сегашната зграда на Општина Македонска Каменица.

ФК Каменица Саса : Кој Ви беше цимер во карантин, со кој од соиграчите во тоа време најмногу другарувавте а со кој знаевте и да се спречкате ?
Илија Сасански : Цимер ми беше Христов Горан, играч од Делчево.  Би ја истакнал дружбата со Иван Личанин, кој многу сакаше напорно да тренира и беше голем професионалец. Ми одговараше неговата желба и истрајност за силни тренинзи. Во целина гледано, другарството и тимскиот дух беа силна страна на клубот. Сите функциониравме како едно пошироко семејство и добро се сложувавме еден со друг.

ФК Каменица Саса : Во време на Вашите почетоци во клубот, кој беше раководство на истиот ?
Илија Сасански : Градоначалникот Перо Митревски, Драган Ангеловски, Видо Велиновски, не се сеќавам кој каква функција точно имаше, но тоа беа луѓето кои во тоа време ги носеа одлуките поврзани со ФК Саса.

ФК Каменица Саса : Имавте ли добри услови за работа и тренинг ?
Илија Сасански : Се разбира, клубот ФК Саса имаше одлични услови за работа и добра организација на целиот систем.

ФК Каменица Саса : Често ли одевте на припреми и каде ?
Илија Сасански : Бугарија и во тоа време, како и сега, нудеше одлични услови за одржување на базичните припреми, и таму одевме на подгототвки со клубот Саса.

ФК Каменица Саса : Ќе можете ли да ни издвоите некоја анегдота некој смешен момент кој беше дел од Вашето време поминато во ФК Саса ?
Илија Сасански : Момент кој ме потсеќа на САСА, е еден фудбалски натпревар против Шкендија кој го добивме со 5:1. Јас бев асистент на три од постигнатите пет гола. Посакувајќи и самиот да постигнам гол, направив нешто што беше вон договореното на таа утакмица. На досуден пенал врз мене, ја грабнав топката и шутирав пенал без да ги почитувам договорените насоки на тогашниот и сегашен тренер, Мите Митев. Да биде бељата поголема, ми го одбранија пеналот. Се разбира, заради самоволната одлука бев парично казнет од клубот, но во тој момент, желбата за гол беше огромна и атмосферата сосема ме совлада. Страста за победа е тешко скротлив феномен, и ќе бидам искрен и ќе кажам дека и од оваа временска дистанца би го сторил истото, колку и да звучи палаво 😀 И ден денес, знаеме да се присетиме со тренерот Мите и да се пошегуваме за оваа случка. Многу ми е драго што соработката ни продолжи успешно и во периодот потоа, и работевме заедно и со неговиот син и доскорешен тренер на мојот сегашен клуб Работнички, тренерот Александар Влахо.

Mите Митев – тренер на ФК Саса во времето кога Илија Сасански е дел од клубот и сегашен тренер на ФК Каменица Саса, го казнил парично Илија Сасански затоа што самоволно извел пенал, но и покрај тоа и ден денес се прекрасни пријатели

ФК Каменица Саса : Како се хранеа фудбалерите во тоа време ?
Илија Сасански : На кафаната на стадионот сите многу убаво се сеќаваме. Рака на срце, таму се приготвуваа многу прекрасни и вкусни јадења.

ФК Каменица Саса : Има ли некое јадење по кое ќе ја паметите Македонска Каменица ?
Илија Сасански : Има, и ден денес се сеќавам на вкусот на супата. Беше тоа еден вид специјалитет кој не може да се вкуси на ниедно друго место.

ФК Каменица Саса : Какви фудбалски примања и премии имавте во тоа време ?
Илија Сасански : Во тоа време, примањата и премиите беа доста солидни за тогашните услови.

ФК Каменица Саса : Кои се Вашите најголеми успеси како фудбалер на ФК Саса ?
Илија Сасански : Би ги издвоил: победата од 2:0 над екипата на Победа од Прилеп, која после натпревар со Парма, гостуваше кај нас; потоа голот против Работнички, добрата игра против силниот Вардар, победата над Шкендија, највисоката победа над Тиквеш од 6:0…Огромен предизвик беше да се игра една полусезона со истегнат латерален внатрешен лигамент на коленото. За да се одржам во форма во тоа време, несебично ми помагаше легендата Томе Петров, преку многуте индивидуални тренинзи. Денес, кондиционите тренери се специјалисти за враќање на играчите во форма после повреда, но во тоа време тие не беа задолжителен кадар во еден фудбалски клуб.

Интернет извештај од еден од најтажните натпревари за ФК Саса – Натпреварот ФК Саса – ФК Работнички 2:2 (Стрелци : Илија Сасански и Виктор Георгиев), натпревар кој директно влијаеше на испаѓањето на ФК Саса од Првата Македонска Фудбалска Лига

ФК Каменица Саса : Кои се Вашите најголеми успеси воопшто како фудбалер? 
Илија Сасански : Фудбалот нуди големи можности за успех. Покрај издвоените победи, овој спорт нуди прилики за спознавање на својот потенцијал, тестирање на волјата и карактерот, развивање на самодисциплина, водење на здрав живот, стекнување на многу добри пријатели, учење од врвни тренери итн.

ФК Каменица Саса : По завршувањето на Вашата фудбалска кариера, Вие продолживте како тренер, работа со која се занимавате и ден денес. Каде бевте и каде сте тренер, колку време и кои се Вашите успеси како тренер ?
Илија Сасански : Како тренер започнав во Пехчево со првата екипа на ФК Напредок и во исто време водев детска фудбалска школа. Потоа продолжив како тренер во новоформираниот клуб од Пехчево Кит- Го, со којшто влеговме во повисока лига и ранг на натпреварување. Истовремено таа година, бев Селектор на екипа од Штипскиот општински сојуз и ја водев екипата до финале на ниво на цела Македонија, од сите општински сојузи.Во сите изминати години, после престанувањето со работа како фудбалски играч, мојата пасија за спортот не изостана. Напротив, добив желба за продлабочување на стекнатите и изучување нови знаења за новиот работен повик – фудбалски тренер.Поради тоа, по преселбата во Скопје, продолжив со едукација и се стекнав со Диплома за Фудбалски Тренер од Факултетот за Физичко Образование, Спорт и Здравје, при Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Паралелно во тоа време, се стекнав со Диплома од Фудбалската Федерација на Македонија за лиценциран фудбалски тренер и сум носител на UEFA B и UEFA A лиценци, како и на национална лиценца за фудбалски фитнес тренер, за која посетував едукација во тренинг центарот на фудбалската федерација на Италија за фитнес во фудбалот.Истовремено, продолжив да работам како тренер во детската школа на проф. Др. Жикица Тасевски. Потоа, бев ангажиран во детската школа при Академијата на ФК Вардар, а следната година потоа, работев како тренер во ФК Македонија Ѓорче Петров, каде ја водев генерацијата 2002. Од минатата година, сум ангажиран во првиот тим на ФК Работнички од Скопје како кондиционен тренер. Моите успеси првенствено ќе бидат да го пренесам целото мое знаење на играчите и да разменувам искуства со колегите. Секоја генерација на играчи носи уникатно задоволство но и предизвик. Најнапред, работењето со дечињата на најмала возраст ми беше вистинско уживање, и се трудев да укажам дека во таа детска фаза, спортот треба да биде пред се’ забава и радост.Младинците носат секако поголем предизвик од аспект на тоа што во таа возраст се работи и на нивниот адолесцентски развој, се зацврстува карактерот и се насочуваат на пред се’ здрав живот, што подразбира многу дисциплина, одрекнување од пороци а честопати и од забава.Кај професионалните играчи, главен фокус е стратегијата на игра, техниката, кондицијата на тимот и многу други фактори кои влијаат на успехот на тимската игра и се разбира, на крајниот резултат. Сето тоа сочинува еден склоп на околности кои ја освојуваат и мамат публиката и фановите, а и нас самите, кои сме директно посветени на оваа работа.

Илија Сасански во улога на тренер
Илија Сасански во улога на тренер

ФК Каменица Саса : Кој е Вашиот омилен фудбалер ?
Илија Сасански : Ги има многу, но генерално би рекол дека еден врвен фудбалер треба да поседува највисоко ниво на моторичко-функционални способности, техничко-тактички, ментални и социјални особености во моментот на одигрување на  натпреварот.

ФК Каменица Саса : Кој е Вашиот омилен фудбалски тренер ?
Илија Сасански : Има многу квалитетни и едуцирани тренери и секој ден учам по нешто од сите нив. Но да не звучи нескромно, ќе кажам дека јас сум си самиот на себе. Но не поради некаква надменост, туку напротив, бидејќи се натпреварувам со себе и се трудам да станам подобар тренер и подобар човек од она што сум бил вчера 😊

ФК Каменица Саса : Кој е Вашиот омилен фудбалски клуб ?
Илија Сасански : Неблагодарно е да издвојам некој клуб моментално, но можам да кажам дека пораснав навивајќи за Баерн Минхен.

ФК Каменица Саса : Беа ли фудбалерите во Ваше време гледани со други очи во општеството ?
Илија Сасански : Во Македонија немам такво искуство, но на пример се сеќавам дека во Бугарија и Молдавија се случуваше да не’ застанат на улица, не’ препознаваа, поздравуваа, децата бараа автограми од нас, а и медиумите беа многу вклучени во фудбалот.

ФК Каменица Саса : Се сакаше ли фудбалот во Ваше време на еден по друг начин од сегашниот ?
Илија Сасански : Возможно е. Можеби порано имаше повеќе страст во самата игра, се играше со срце, и барем нам ни се чинеше дека сите нешта се заслужуваа. Владееше и многу голема дисциплина

ФК Каменица Саса : Што би им порачале на младинските категории на ФК Саса ?
Илија Сасански : Да веруваат во себе, да го даваат својот максимум, да го работат она што вистински го сакаат и за кое имаат пасија, и да ги слушаат своите тренери, затоа што тие знаат што е најдобро за нив.

ФК Каменица Саса : Сега сте среќно оженет …..
Илија Сасански : Да, живеам во среќна заедница со мојата партнерка и двеиполгодишна ќерка, која топките ги сака малку повеќе од куклите…😊 Кога имаме слободно време, сите заедно уживаме во времето поминато во природа. Главна преокупација е секако ќеркичката и сега таа го диктира темпото. На наша радост, радо трча долги стази покрај кејот на Вардар и како да забележувам кај неа, се’ подобар шут на топка хахах. Семејството ми е секако најголемата мотивација и столб во животот, така што ниту мојата едукација и кариера во фудбалот како тренер немаше да се оствари, без да ја имав подршката сите овие години. Неизмерно сум им благодарен и сум среќен и исполнет човек.

ФК Каменица Саса : Илија, ти благодариме за одвоеното време, спортски поздрав од Македонска Каменица.
Илија Сасански : Ви благодарам и на Вас, поздрав до сите вљубеници во фудбалската игра од Македонска Каменица. Секое добро.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *