Почитувани фудбалски фанатици и вљубеници во најважната споредна работа во светот,
Драги навивачи на ФК Каменица Саса,

ФК Каменица Саса продолжува со своите интервјуа со многу наши поранешни фудбалери. За вечерва нашето време е резервирано за човекот кој со својата храброст на фудбалските терени ги освојуваше навивачките срца, за човекот за кој важеше онаa позната српска изрека “лопта може да прође, али играч не”, за човекот кој беше и Претседател на ФК Каменица Саса и посветено и силно помогна во нејзиниот опстанок во Втората Македонска Фудбалска Лига – Исток пред неколку сезони, за човекот чие срце е обоено во зелено-црно.

Ова е интервјуто со Гоце Даневски.

ФК Каменица Саса : Здраво Гоце, како си ? Пред да го започнеме интервјуто со тебе, би сакале да ти го честитаме роденденот кој по некоја случајност е токму денес и да ти посакаме добро здравје, многу среќа и радости во годините што доаѓаат, да ти посакаме од срце насмевките и семејната хармонија да бидат твое секојдневие. Секое добро.
Гоце Даневски : Здраво, благодарам на прашањето, добро сум, во домашна атмосфера со моите најблиски онака симболично го прославувам роденденот и истовремено Ви благодарам на убавата роденденска честитка. Секое добро и кај Вас.

ФК Каменица Саса : Кога започнува твојот фудбалски пат и од кои младински категории беше дел?
Гоце Даневски : Мојот фудбалски пат започнува во далечната 1985-та година кога за првпат заигрувам во најмладите категории на ФК Саса – петлиња, за потоа да ги поминам сите останати категории, пионери, кадети и младинци.

ФК Каменица Саса : Кога стануваш дел од Сениорскиот Тим на ФК Саса ?
Гоце Даневски :
За првпат моите добри игри во младинските категории ги приметува тогашниот сениорски тренер на ФК Саса Д-р Иван Дечев и на 16 години, во далечната 91-ва година ме повикува да тренирам со Првата Екипа на ФК Саса а паралелно да играм за Младинскиот Тим. За првпат пак, станувам и официјално дел од Сениорскиот Тим на ФК Саса во сезоната 92/93, ако не се лажам, кога тренер на ФК Саса е екс-селекторот на Фудбалската Репрезентација на Македонија, Никола Илиевски – Џиџи.

ФК Каменица Саса : Кога беше твоето деби во зелено-црниот дрес ?
Гоце Даневски :
Моето деби во зелено-црниот дрес, беше некаде околу моето полнолетство, некаде 1993 или 1994 година, на натпреварот во Велес, со екипата на Борец, кадешто добро се сеќавам не водеше Славе Петровски – Лаче, кој го заменуваше Лазо Јовановски кој од оправдани прични неможеше да дојде. И како што велат, прво па машко, моето деби заврши со победа од 3:1 за ФК Саса.

ФК Каменица Саса : Oсвен за ФК Саса имаш ли настапувано за друг клуб ?
Гоце Даневски : Да, бев дел од ФК Осогово, тогаш на понуда на нивниот претседател Ванчо Каранфиловски.Тоа е периодот после 2003 година, кадешто играм неколку сезони, ама поради повреда на коленото можеби и предвреме ја завршувам мојата фудбалска кариера.

ФК Каменица Саса : Кои беа тренерите кои беа дел од твојот фудбалски пат, почнувајќи од младинските категории ?
Гоце Даневски : Во младинските категории мои тренер беа Јоце Стојов и Благој Стамболиски, за потоа да продолжам во сениорите со тренери Д-р Иван Дечев, Никола Илиевски – Џиџи, Лазо Јовановски, Славе Петровски – Лаче, Јордан Минов, Мирко Наџаков, Илија Димовски, Добре Димовски, Вангел Симев, Влатко Костов, Joрдан Самоковлиски, Мите Митев. За потоа при преминувањето во Осогово на барање на Претседателот на Осогово, Ванчо Каранфилов тренери да ми бидат Љубе Серафимов, Љубе Велковски, Драган Бочески како и легендата и на ФК Саса, но и на Осогово, Тоде Митев.

ФК Каменица Саса : Кои беа твоите соиграчи во сезоните поминати во зелено-црниот дрес ?
Гоце Даневски :
ФК Саса во мое време беше екипа сочинета од прекрасни фудбалери, еден прекрасен тим, еве би набројал некои од нив, оние кои можеби ќе ги испуштам ненамерно, нека ми извинат, сепак во мојата кариера на Градскиот Стадион во Македонска Каменица настапуваа многу фудбалери. Еве некои од нив : Тони Анастасовски, Кире Темчев, Перо Стојановски, Томе Петров, Драги Стојановски, Бранко Младеновски, легендата Зоран Васевски, Валентин Стојковски, Тенев, Јовановски, Гарганчев, Гошев, Димитров, Иванов, Љупчо Ивановски, Сасански, Петковски, Драган Миленковски, Ѓоргиев, Игнатов и многу многу други прекрасни фудбалски имиња.


Гоце Даневски – долен ред, од лево кон десно, трет
ФК Саса, 1999-та година, од лево кон десно :
Горен ред : Анастасовски, Тенев, Иванов, Петковски, Ивановски, Темчев,
Долен ред : Гарганчев, Миленковски, Даневски, Јовановски, Димитров
Гоце Даневски – долен ред, од лево кон десно – прв
ФК Саса од лево кон десно :
стојат – Мицевски, Сетинов, Темчев, Горѓиев, Игнатов Угреновиќ, Трајковски Клашња, Ивановски , Стојанов, Ангеловски, Ѓуриќ, Ивановски, Јакимов, Ќиров, Анастасовски, Христов, Николов, Петров, Стојковски
седат – Даневски, Сасански, Атанасов, Самоковлиски, Васевски, Петковски, Јовановски, Стојов

ФК Каменица Саса : Гоце ти важеше за многу борбен фудбалер, за фудбалер кој лавовски се бореше на теренот и за кого важеше онаа српската “лопта може да прође, али играч не”. Кажи ни, на кои позиции играше и кој број на дрес го носеше.
Гоце Даневски : Од позициите на кои имам играно, одговорно можам да кажам дека не сум бил само голман. Значи најмногу имам играно средина, како лево и десно крило, заден везен, сум играл и во одбрана, но сум бил и напаѓач. По однос на бројките кои ги носев, бидејќи многу рано станав дел од Сениорскиот Тим на ФК Саса, морам да признаам првенствено се радував на онаа бројка која ќе остане, а тоа најчесто беше 16-тката, за потоа се сеќавам во времето на Влатко Костов како тренер, за кое време ме врзуваат убави спомени, моја бројка да стане 7-цата.

ФК Каменица Саса : Одеше ли често ФК Саса на припреми, каде одеше, какви беа условите за тренинг, како се исхранувавте и каде одевте на јадење пред натпревар ?
Гоце Даневски :
Да, ФК Саса беше организиран клуб. Се сеќавам моите први почетоци за ФК Саса беа поврзани со припремите во Крушево, одевме на припреми во Негорски Бањи, Дојран, Бугарија итн. Имавме одлични услови за тренинг, прекрасна опрема. По однос на исхрана, сигурен сум дека се исхранувавме поздраво од тоа што се исхрануваат фудбалерите сега, а пред натпревар одевме на ручек во Клубскиот Ресторан до Трибините на кој сите се сеќаваме добро.

ФК Каменица Саса : Одевте ли често во карантин и каде ?
Гоце Даневски :
Нормално, еден сериозен клуб, пред важни натпревари, секогаш треба да организира карантин. Така беше и со ФК Саса. Одевме во карантин, најчесто во Домот на Рударите или на Градче во Кочани.

ФК Каменица Саса : Кои ти беа цимери за време на припремите и “карантинувањето”?
Гоце Даневски :
Moите први припреми беа како што кажав во Крушево. Тогаш како најмлад “ме наместија” да бидам цимер со нашиот прекрасен голман и човек, кој за жал сега е покоен, Бранко Соколовски. Таа “намештаљка” беше нешто како во војска “џомба” и “гуштер” и беше направена намерно, за да учам, но и да се “калам”. Потоа мои цимери беа и Томе Петров, Стојче Милошевски, Дејан Митревски…

ФК Каменица Саса : Можеш ли да го одвоиш твојот најтажен натпревар во ФК Саса ?
Гоце Даневски :
Па, да. Мислам дека најтажен натпревар ми беше натпреварот во Струмица, кадешто во 88-та минута си дадов автогол и изгубивме со 1:0.

ФК Каменица Саса : Кој гол даден за ФК Саса ти е најдраг ?
Гоце Даневски : Тоа веројатно е голот кој му го дадов на Осогово во гости. Тоа беше локално дерби, секогаш се играше пред многу публика и во Кочани постигнав еден да бидам малку нескромен, прекрасен гол. Односно тргнувајќи од нашата половина, поминав пола тим на Осогово и постигнав гол.

ФК Каменица Саса : Имаше ли дисциплина во тимот и уште поважно, имаше ли другарство?
Гоце Даневски : ФК Саса беше позната по сериозната организираност и дисциплината. А што се однесува до другарството, тоа беа едни прекрасни времиња, во кои ние фудбалерите бевме една фамилија и дури и ден денес со многу од нив се почитувам и дружам.

ФК Каменица Саса : Каква публика беа “Багерите” ?
Гоце Даневски : Со еден збор – ПРЕКРАСНА.

ФК Каменица Саса : Ќе можеш ли да ни одвоиш некоја анегдота поврзана со ФК Саса, некој интересен момент ?
Гоце Даневски :
Па, да. И баш затоа што имавме прекрасни навивачи и публика која го сакаше фудбалот, од почит спрема нив, би одвоил две. Првата е кога цимер ми беше Томе Петров, еден од најголемите “работници” во клубот. Бидејќи беше постар од мене, секогаш ги слушав неговите совети. И така, после тренинг, кога ќе се приберевме во соба, тој ми викаше : “Чиче, додека се туширам, да направиш 300 стомачни и 100 склекови”. И јас си го слушав, нормално, тој влезе да се тушира и го немаше бааги време а во меѓувреме јас веќе бев на крај на силите, бидејќи ги имав направено и престанав да ги бројам. И тој ме праша : “Колку?”, јас му реков : “незнам точно” на што тој ми врати : “Чиче, јас изгледа, многу брзо се туширам” 🙂 🙂 🙂 . Втората анегдота или патешествие ме врзува со Охрид на натпреварот со Балкан која требаше да се игра на неутрален терен. на Балкан тогаш “му гореше под нозете” а ние немавме милост. Во Охрид брзо им дадовме два гола, а јас играв како и секогаш, до последниот свиреж на судијата, без разлика на резултатот. Секој меч ми беше како Финале на Лига на Шампиони. При резултат 2:0 за нас, пред паузата помеѓу двете полувремиња, јас направив еден остар старт, баш до гостинската клупа, која ја предводеше боксерскиот шампион Аце Русевски, кој видно го изнервирав. Судијата ми даде жолт картон и свирна за пауза, јас се упатив на кај соблекувалната, кога во тунелчето ме стигна Македонска Боксерска Легенда Аце Русевски, кој видно изнервирам ми се нафрли, по што “пријателски” разменивме по еден удар 🙂 🙂 🙂 , па така освен фудбалер, бев и една рунда професионален боксер 🙂 🙂 🙂 , со спаринг партнер каков што “никој не би сакал да има”. ФК Саса тогаш победи со 4:0, а со боксерската легенда Аце Русевски на крајот на мечот си подадовме рака. За “денот” да биде уште поинтересен на враќањето од Охрид, на Плетвар ни се расипа автобусот, па така се вратиме рано сабајлето 🙂 🙂 🙂 .

ФК Каменица Сaса : Koј ти е омилен клуб, фудбалер и тренер ?
Гоце Даневски : Навивам за Реал Мадрид, омилен фудбалер дефинитивно ми е Гатузо, бидејќи имавме слично стилови на игра, а од тренерите би ги издвоил Јирген Клоп и Диего Симеоне.

ФК Каменица Саса : Гоце, пред неколку години, ти беше краток период и Претседател на ФК Каменица Саса…
Гоце Даневски : Да, да. Мојата поддршка за ФК Саса и сега ФК Каменица Саса била, е и ќе биде секогаш. Беше време во кое клубот се бореше за опстанок и за среќа се избори, а јас морав да ја напуштам функцијата, поради тоа што, поголем дел од годината сум во странство, а за да влијаеш во фудбалот, мора да бидеш присутен, тоа е непишано фудбалско правило.

ФК Каменица Саса : Што би им порачал на фудбалерите на младинските категории на ФК Каменица Саса ?
Гоце Даневски : Би им порачал да бидат истрајни, да живеат спортски и да веруваат. Во фудбалот и во животот, секој ги добива своите 5 минути.

ФК Каменица Саса : Гоце, ти благодариме за одвоеното време, да имаш убава вечер и спортски поздрав.
Гоце Даневски : Ви благодарам и на Вас што ме потсетивте на едни убави фудбалски времиња. Да сте здрави и живи и секое добро.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *