Почитувани фудбалски фанатици и вљубеници во најважната споредна работа во светот,
Драги навивачи на ФК Каменица Саса,

ФК Каменица Саса продолжува со своите интервјуа со многу наши поранешни фудбалери. За вечерва нашето време е резервирано за човекот кој од Македонскиот Ерусалим дојде во Македонска Каменица за да го “заработи својот фудбалски леб” и да го покаже својот раскошен талент, за човекот чие име е и тоа како познато на целата Македонска Фудбалска Јавност како име кое оставило силен белег во светот на вљубениците во најважната споредна работа во светот.

Ова е интервјуто со Јаким Бакулески – Бакуле.

ФК Каменица Саса : Добровечер Г-дине Бакулески, како сте ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Добровечер и на Вас, добар сум, благодарам на прашањето.

ФК Каменица Саса : Вечерва би сакале да поразговараме за Вас и за Вашaта прекрасна фудбалска кариера, Г-дине Бакулески, каде и кога ги бележите Вашите фудбалски почетоци ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Моите фудбалски почетоци се на 16 годишна возраст додека учев во Струга, тогашен мој професор по геодезија ме повика да играм за екипата Славеј од с.Белчишта, Општина Дебарца. Мојата прва позиција беше лево крило.

ФК Каменица Саса : Вашите почетоци бележат ли настапи и за младински категории ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Не, како талентиран играч, уште на 16 годишна возраст, бев земен во Сениорскиот Тим на Славеј и веднаш во првата сезона бев голгетер во Пелагонискиот Регионот.

ФК Каменица Саса : Кога и по чија иницијатива доаѓате во Македонска Каменица, во ФК Саса?
Јаким Бакулески – Бакуле : Пред да дојдам во ФК Саса, играв за Куманово. Мојата игра во тоа време често ја следеше една од најквалитетните личности во спортот во Македонска Каменица Тихомир Георгиевски – Тише кој дојде дури во Дојран за да преговара со мене и ми понуди да бидам дел од ФК Саса. Во Македонска Каменица дојдов летото, во 1982-та година.

ФК Каменица Саса : Кои беа Ваши тренери кои Ви ги покажуваа Вашите фудбалски патишта за време на Вашиот престој во ФК Саса ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Кога дојдов во ФК Саса прв тренер ми беше Јордан Минов. После Минов, други тренери ми беа, Пазман, Наџаков, Роксандиќ, а помошни тренери ми беа Перо Ивановски и Симијон Сандев.

ФК Каменица Саса : Кои беа Ваши соиграчи во ФК Саса ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Многу прекрасни фудбалери ми беа соиграчи во ФК Саса, нека ми извинат оние кои можеби ненамерно ќе ги испуштам. Соиграчи ми беа Љубе Ѓуровски, Љупчо Глигоровски, Драги Илиевски, Ванчо Костенчев, Томе Петров – феномален голман, Зоран Божиновски, Венцислав Симоновски, Лазо Јовановски, Стоиле Игнатов, Стојче Панов, Љупчо Арсов, Бранко Младеновски, Методи Горгиев, Дуле Милосављевиќ, покојниот Бранко Соколовски за кој неможам а да не спомнам дека беше прекрасен голман со оценки никогаш помали 9 и 10 иако со скромна минутажа и секогаш кога ќе бранеше беше најдобар играч на терен, Спасовски, Мицевски, браќата Васевски, Силјановски, Стојчевски, Куртовиќ, Шијаков, Велиновски, Секулов и многу многу други.

Јаким Бакулески – Долен ред, 5-ти од лево кон десно
ФК Саса 1982/83 година – од лево кон десно, горен ред : Љупчо Глигоровски, Марјан Стојчевски, Љупчо Секулов, Зоран Божиновски, Ѓоко Спасовски, Томе Петров долен ред : Сашо Мицевски, Дуле Милосављевиќ, Лазо Јовановски, Виде Велиновски, Јаким Бакулески

ФК Каменица Саса : Кои клубски фудбалски успеси ја одбележаа Вашата кариера во ФК Саса ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Во моето време во ФК Саса секогаш беше во самиот врв на Македонската Фудбалска Лига.

Јаким Бакулески – Долен ред, 4-ти од лево кон десно
ФК Саса 1982/83 година – од лево кон десно, горен ред : Перо Ивановски (Тренер), Горан Силјановски, Љупчо Глигоровски, Стојче Панов, Ванчо Костенчев, Томе Петров, Љубе Ѓуровски, долен ред : Венцислав Симоновски, Драган Илиевски, Љупчо Арсов, Јаким Бакулески, Зоран Божиновски

ФК Каменица Саса : Г-дине Бакулески, за помладите генерации кои можеби не знаат, на кој позиција игравте во ФК Саса и кој број на дрес го носевте ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Мојот број на дрес секогаш беше 10, лево напаѓачко крило најчесто.

ФК Каменица Саса : Имате ли натпревар одигран во дресот на ФК Саса кој Ви е посебно драг ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Сите натпревари за ФК Саса ми беа драги, бидејќи игравме со срце и чесно, секогаш се боревме да ги победиме најдобрите екипи.

ФК Каменица Саса : Фудбалот е спорт во кој се победува, но и се губи. Има ли натпревар одигран во ФК Саса кој Ве натажи како човек и фудбалер ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Немам таков натпревар. Во тоа време бевме толку воиграни и синхронизирани, што многу наши натпревари изгледаа како да се зафркаваме со противникот.

ФК Каменица Саса : Како се однесуваше Каменичката публика кон Вас, фудбалерите условно кажано “од страна” ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Јас никогаш не се почувствував како да сум играч “од страна”. Солзи ми течат кога ќе зборувам за ФК Саса и Македонска Каменица. Како да не ја чувствувам Македонска Каменица како моја, кога живеев на улица Руенска, работев во Рудникот Саса, се собиравме и свиревме на гитара кај Споменикот на Рударот пред Управната Зграда на Рудник Саса, тренирав мали дечиња во ФК Саса, дури и учествував во садењето на Багремите помеѓу Ресторанот Саса и Управната Зграда. Убави моменти, среќни времиња, прекрасна публика.

Пријателски натпревар : ФК Саса – ФК Брегалница 4:0
Горен ред од лево кон десно : Љупчо Глигоровски, Методи Горгиев, Ѓоко Спасовски, Стоиле Игнатов, Томе Петров, Сашо Васевски Долен ред од лево кон десно : Делчо Јакимовски, Лазо Јовановски, Дуле Милосављевиќ, Зоран Божиновски, Јаким Бакулески

ФК Каменица Саса : Јa пратите ли денешна ФК Каменица Саса ? Што мислите дали се разива во правилна насока и кое вашето мислење за самото раководење со клубот ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Пратам, во тек сум. Но, мислам дека морате посилно и поодлучно да се борите за Прва Лига, заслужува Македонска Каменица прволигашки фудбал. Инаку имате прекрасни услови за тренинг и развој на младинските категории.

ФК Каменица Саса : Г-дине Бакулески ќе можете ли да ни издвоите една анегдота еден смешен момент од вашите прекрасни години поминат во ФК Саса а воедно и од целата Ваша богата фудбалска кариера ?!
Јаким Бакулески – Бакуле : Па би спомнал неколку анегдоти. Првата е за натпреварот ФК Саса – ФК Победа, кога со Венцислав Симоновски – Кичо на паузата помеѓу двете полувремиња игравме карти (санабана) и ќе закасневме за второ полувреме. Втората анегдота ме врзува за Стоиле Игнатов – Моцо со кого бев доста близок. Ние имавме разлика во килажа некаде 20-30 килограми, па така, ако јас сум бил 65 кг во тоа време, тој сигурно имал 90 кг и беше единствениот така габаритен човек кој го имав сретнато а да може да направи шпага 🙂 🙂 🙂 . Со него еднаш се натпреварувавме во пливање, инаку јас бев добар пливач, ама и тој да ти бил. И договорот беше, јас да пливам над вода а тој под вода и ме победи. И тој тогаш со насмевка ми рече : “Бакуле а бе и под вода да пливам те победувам”, а јас му вратив : “Моцо па како нема да ме победиш кога нозете ти се како пераи” 🙂 🙂 🙂 . И третата анегдота е анегдота која не ме поврзува со ФК Саса. Како играч на Охрид, пред натпревар, тренерот ми вели : “Бакуле, што јадеше?”, јас му велам : “Грав”. На што тој шокиран бидејќи сум јадел грав пред натпревар ми рече : “Е кога ќе се вари”? а јас на шега му реков : “Шефе, па гравот варен беше” 🙂 🙂 🙂 .

ФК Каменица Саса : Со кој од соиграчите бевте најблизок ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Неможам да изберам. Со сите. Едно прекрасно другарство, една прекрасна фамилија беше ФК Саса.

Горе : Драган Илиевски, Ванчо Костенчев
Доле : Зоран Божиновски, Јаким Бакулески

ФК Каменица Саса : Имавте ли цимери.
Јаким Бакулески – Бакуле : Не, јас фамилијарно бев во Македонска Каменица. Понекогаш, Венцислав Симоновски – Кичо преспиваше кај мене.

Jаким Бакулески – Бакуле и Драган Илиевски – Вршац

ФК Каменица Саса : Кој Ви е омилен светски клуб ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Немам некој посебно, ми се допаѓа играта на Манчестер Јунајтед и Тотенхем, а во време на Југославија, многу го сакав Вардар.

ФК Каменица Саса : Кој Ви е омилен фудбалер ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Сите добри играчи ги почитувам.

ФК Каменица Саса : Кој е според тебе најдобриот играч против кого имаш играно ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Јас играв за Репрезентација на Македонија во времето на Југославија, бев и капитен на истата и во тоа време имаше многу многу добри фудбалери. Мислам дека “најтежок” играч за “работење” ми беше Илија Најдовски, против кого играв додека тој беше во Црвена Ѕвезда а јас во Виндзор (Канада) (како позајмен), во нивниот меѓусебен дуел во тоа време.

ФК Каменица Саса : Беа ли гледани фудбалерите на ФК Саса во Ваше време, со едни поинакви очи, беа ли огледало на едно општество ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Да, да. Имаа луѓе посебна почит спрема фудбалерите на ФК Саса.

ФК Каменица Саса : Освен во ФК Саса, од кои други клубови бевте дел ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Славеј с.Белчишта, Тиквеш Кавадарци, Охрид, Брегалница Штип, па пак во Охрид, Застава Охрид, па пак во Брегалница Штип, Куманово, ФК Саса, па пак во Охрид, кадешто играв долго време, па потоа Вевчани, Лабуништа, Врбјани, Братство Преспа, Косел, Пирамида и во странство играв во Торонто за Лејкерс Македонија Старс, па за Торонто – Италија, а потоа за Преспа Бирлик и Македонија од Малме во Шведска итн итн.

ФК Каменица Саса : Што би им порачале на младинските категории на ФК Каменица Саса.
Јаким Бакулески – Бакуле : Македонска Каменица е мало место. Треба педагошки пристап во развојот на младите категории. Инаку на младите категории би им порачал да бидат истрајни, упорни и да се борат за своите 5 минути. Малите дечиња се како цвеќиња, треба да бидат негувани.

ФК Каменица Саса : Како и каде се исхранувавте додека ги браневте зелено-црните бои на ФК Саса и има ли некое јадење кое те потсеќа на Македонска Каменица ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Бидејќи живеев фамилијарно во Македонска Каменица, најчесто дома, но одевме и по ресторани. Па ми се допаѓаа кебапите во Македонска Каменица, Венцислав Симоновски – Кичо често порачуваше и по 40 за нас двајцата.

ФК Каменица Саса : Г-дине Бакулески, со што се занимавате денес ?
Јаким Бакулески – Бакуле : Денес работам во Музејот на Вода во Охрид.

ФК Каменица Саса : Г-дине Бакулески, вашиот син Александар го продолжи Вашиот пат …
Јаким Бакулески – Бакуле : Да, мојот син играше во Локомотива и Беласица, беше дел и од Аматерската Фудбалска Репрезентација на Македонија, а денес игра за ФК Охрид.

ФК Каменица Саса : Г-дине Бакулески, Ви благодариме за одвоеното време, спортски поздрав од Македонска Каменица. Секое добро и спортски поздрав.
Јаким Бакулески – Бакуле : Ви благодарам и на Вас што ме потсетивте на едни убави, прекрасни, едноставно среќни времиња. Се надевам дека во некоја наредна прилика ќе имаме можност и да се видиме и поразговараме. Поздрав.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *