Почитувани фудбалски фанатици и вљубеници во најважната споредна работа во светот,
Драги навивачи на ФК Каменица Саса,

ФК Каменица Саса продолжува со своите интервјуа со многу наши поранешни фудбалери. За вечерва нашето време е резервирано за човекот кој за ФК Саса е она што е Гери Невил за Манчестер Јунајтед, лично и фамилијарно длабоко посветен и лојален на клубот, човек кој со својата ненаметливост и скромност, особини зад кои се задскриени многу труд, пот и енергични натпревари во дресот на ФК Саса и тоа како заслужува внимание, човекот кој започнува како “страшен халф”во младинските категории за да продолжи како заден играч за врска во сениoрите, човек кој и ден денес во рамките на своите можности е тука да му се најде на клубот.

Ова е интервјуто со Хајро Куртовиќ .

ФК Каменица Саса : Добровечер Г-дине Куртовиќ, како сте вечерва ?
Хајро Куртовиќ : Ви благодарам, добар сум, во домашна атмосфера, согласно ситуацијата во која се наоѓаме сите.

ФК Каменица Саса : Г-дине Куртовиќ, пред да почнеме да зборуваме за вашата фудбалска кариера, би сакале на момент да се присетиме на Вашиот татко, на човекот кој беше и е неизбршлив белег на клубот и човек кој е длабоко врежан во постоењето на ФК Саса, еден од најпознатите “домаќини” на клубот, Г-динот Хамид Куртовиќ. Паметите ли од кога тој ја започна својата работа во клубот ? Каков беше како домаќин на клубот а каков како татко ? Имавте ли Вие некакви привилегии во изборот на опрема како негов син или бевте “еден меѓу еднаквите” ?
Хајро Куртовиќ : Не сум сигурен, знам дека беше некаде на почетокот на 70-тите години од минатиот век. За тоа каков домаќин на ФК Саса беше татко ми можете да прашате било кој вљубеник во фудбалот во Македонска Каменица и ќе Ви каже. Тој беше силно посветен на работата и беше еден од најдобрите клубски економи во Македонија во тоа време. Неговата љубов и посветеност кон клубот бараше отстапки а тоа понекогаш беше и фамилијата, неговата љубов кон ФК Саса беше огромна. По однос на тоа дали сум имал некакви привилегии како негов син, одговорно тврдам не, тој премногу професионално си ја вршеше својата работа и затоа немаше клуб во Македонија кој немаше слушнато за Хамид – домаќинот на ФК Саса.

Хајро Куртовиќ како дел од тренинг а во позадина изгледот на Македонска Каменица во тоа време
Хајро Куртовиќ како дел од тренинг а во позадина соблекувалните во склоп на Градскиот Стадион во Македонска Каменица кои денес ги нема
Хајро Куртовиќ како дел од тренинг а во позадина на сликата “се фатени” најверојатно Јаким Бакулески – Бакуле и Љупчо Глигоровски и и истовремено пејсаж од Македонска Каменица во тоа време

ФК Каменица Саса : Г-дине Куртовиќ, кога започнува твојот фудбалски пат ?
Хајро Куртовиќ : Мојата љубов кон фудбалот започнува колку што можам да се сетам некаде на 12 годишна возраст.

ФК Каменица Саса : Бележи ли Вашата кариера настапи за младински категории ?
Хајро Куртовиќ : Да, на 12 годишна возраст почнува мојот интерес за фудбалот со чести посети на стадионот во Македонска Каменица за некоја година подоцна да станам дел од подмладокот на ФК Саса.

ФК Каменица Саса : Кога за првпат и официјално станувате дел од сениорите ФК Саса ?
Хајро Куртовиќ : Тоа се случува некаде на моја 16 годишна возраст, кога започнувам да тренирам со сениорите, а играв натпревари за подмладокот.

ФК Саса – Брегалнички Регион, доцни 70-ти
Горен ред : Кире Крамарски, Томе Петров, Фиданчо Телетански, Цане Атанасов, Ѓоко Жежов, Васе Стефанов
Долен ред : Хајро Куртовиќ, Виде Велиновски, Јоце Стојов, Симијон Сандев, Љупчо Глигоровски
ФК Саса – Тим за респект
Горен ред : Лазо Јовановски, Марјан Стојчевски, Хајро Куртовиќ, Стоиле Игнатов, Дуле Милосављевиќ, Томе Петров
Долен ред : Љупчо Глигоровски, Стојче Зарков, Сашо Мицевски, Душко, Васе Стоев

ФК Каменица Саса : Кои беа Вашите тренери долж Вашата фудбалска кариера ?
Хајро Куртовиќ : Имаше повеќе. Прв тренер и човек кој ме повика во сениорите беше професорот Фиданчо Костадиновски од Делчево, кој беше професор по физичко и ја водеше Првата Екипа на ФК Саса. После него, тренери ми беа, Мирко Наџаков, Добре Димовски, Фрањо Пазмањ, Јордан Минов, Љубе Јанчев, Ванчо Балевски, Перица Груевски, Симијон Сандев и Перо Ивановски како помошни тренери и други (се извинувам ако не сакајќи не сум можел да се сетам на сите), а посебен впечаток ми оставија Мирко Наџаков и Добре Димовски.

Најмлади резерви во Македонска Лига –
Бранко Соколовски, Венцислав Симоновски, Љубе Ѓоргиев
Симо Соколовски – секретар на клубот, Виде Велиновски, Хајро Куртовиќ

ФК Каменица Саса : Набројте ни ги Вашите соиграчи на кои ќе се сетите во моментот …
Хајро Куртовиќ : ФК Саса беше вистински расадник на фудбалери, нека ми извинат оние кои ќе ги испуштам несакајќи, ама еве да набројам некои од моите соиграчи. Лазо Јовановски, Петров, Соколовски, Глигоровски, Арсов, Милосављевиќ, Кичо, Бакуле, Мицевски, Митревски, Калаџиски, Сетинов, Стојановски, Стојановски, Велиновски, Стојчевски, Зарков, Темчев, Петревски и други.

ФК Саса пред тренинг натпревар, во периодот по влегувањето во Првата Македонска Лига и враќањето од припремите во Крива Паланка

ФК Каменица Саса : На кој позиција игравте и кој број на дрес го носевте ?
Хајро Куртовиќ : Во подмладокот на ФК Саса најчесто играв центархалф, а додека во сениорите играв и заден везен и крило. Најчесто ги носев броевите 4 и 8.

ФК Каменица Саса : Со кого од соиграчите бевте најблизок, а со кого знаевте и да се спречкате ?
Хајро Куртовиќ : Јас најмногу се дружев со условно кажано “нашите” Kaменичани Виде Велиновски, Бранко Соколовски кој сега за жал е покоен, потоа Марјан Стојчевски а од играчите од страна најблизок бев со Драги Сетинов, Венцислав Симоновски – Кичо и Стојче Панов – Цоцо. Инаку во тоа време се дружевме сите, многу убави времиња и прекрасни дружења. Што се однесува до спречкувањето, секако дека имало бидејќи бевме полни со енергија, ама тоа секогаш беше моментално и брзо се забораваше.

Времиња на голема љубов кон фудбалот и прекрасни другарства –
Виде Велиновски, Бранко Соколовски,
Хајро Куртовиќ

ФК Каменица Саса : Освен во ФК Саса, имате ли играно и во друг фудбалски клуб ?
Хајро Куртовиќ : Не, никогаш. ФК Саса е мојот единствен клуб и горд сум на тоа.

ФК Каменица Саса : Г-дине Куртовиќ, на дел од сликите кои можеме да ги видиме иако се во црно-бело, може да се забележи дека ФК Саса не играла секогаш во целосно зелени дресови. Во каква боја на дресови играше ФК Саса во тоа време ?
Хајро Куртовиќ : Па најчесто беа зелени дресовите на ФК Саса, но некогаш ги користевме и резервните дресови, кои беа во бели со зелени ракави, а не сум сигурен, но мислам дека имавме и дресови со црвена нијанса. Бидејќи ФК Саса имаше многу опрема, ние секогаш се прилагодувавме на дресовите на другите екипи, без разлика дали игравме дома или во гости.

ФК Каменица Саса : Кој од фудбалерите беше најдисциплиниран а кој знаеше “да фати и кривина” ?
Хајро Куртовиќ : Томе Петров и Глигоровски Љупчо беа најдисциплинираите според мене, најдобри играчи според мене беа Славе Петровски – Лаче и Живко Милков кои ми беа како идоли и од нив и го засакав фудбалот толку многу, а “кривина” понекогаш знаевме да фатиме јас и Делчо Јакимовски т.е ние бевме најтемпераментни.

ФК Каменица Саса : Дали во тоа време одевте во карантини и како и каде се исхранувавте пред натпревар ?
Хајро Куртовиќ : Во карантин одевме во Петок и Сабота кога се играше во гости, а кога се играше дома само во Сабота, најчесто одевме на Градче, во Кочани. Пред натпреварите се исхранувавме во ресторани и најчесто беа тоа убави оброци со повеќе парчиња месо и салата.

ФК Саса сликaта е направена на пријателски натпревар со екипата на Малеш за Денот на Рударите, 28 – ми Август
Горен ред : Бранко Соколовски, Перо Митревски, Сашо Мицевски, Јорданче Јанков, Марјан Стојчевски, Хајро Куртовиќ
Долен ред : Виде Велиновски, Јоце Стојов, Лазо Јовановски, Борче Максимов, Душко Васевски

ФК Каменица Саса : Какви примања во Ваше време имаше еден фудбалер на ФК Саса ?
Хајро Куртовиќ : Во ФК Саса имаше прекрасни примања, кои секој месец се исплаќаа навремено од 1 до 5, јас иако бев често и резерва, со мојата фудбалска плата живеев убаво.

ФК Каменица Саса : Какви услови за тренирање и каква опрема имаше ФК Саса во Ваше време ?
Хајро Куртовиќ : Во тоа време ФК Саса и можеби скопски Вардар ја имаа најдобрата опрема во Македонија. Условите за тренирање беа фантастични.

ФК Саса во едни убави фудбалски времиња –
Горен ред : Симијон Сандев (помошен тренер), Хајро Куртовиќ, Стојче Зарков, Драги Стојановски, Дуле Милосављевиќ, Томе Петров, Кире Темчев, Љубе Јанчев (тренер)
Долен ред : Сашо Мицевски, Лазо Јовановски, Љупчо Калаџиски, Перо Стојановски, Бранко Петревски

ФК Каменица Саса : Кој натпревар од Вашата кариера никогаш нема да го заборавите ?
Хајро Куртовиќ : Тоа е натпреварот ФК Брегалница Штип – ФК Саса, пред 5000 публика во Штип. А истотака посебен впечаток ми остави локалното дерби ФК Саса – ФК Осогово, тоа беше борба за опстанок и ние успеавме да победиме со 3:2.

ФК Каменица Саса : Кој од Вашите соиграчи според Вас беше најдобар ?
Хајро Куртовиќ : Од оние со кои играв, според мене најдобри беа Лазо Јовановски и Љупчо Арсов. Истотака според мене добар беше и Јастре Јаневски, кој во ФК Саса играше само една година.

Хајро Куртовиќ во друштво на Јастре Јаневски, легендата на Вардар

ФК Каменица Саса : Г-дине Куртовиќ, кој противнички играч според Вас е најдобриот против кого имате играно ?
Хајро Куртовиќ : Миле Бојев од Победа Валандово мислам дека беше многу добар играч. Лазо Костадинов од Осогово од Кочани беше многу брз играч. Перо Ранготов од Борец Велес истотака.

ФК Каменица Саса : Се сакаше ли фудбалот во тоа време и колку луѓе доаѓаа на натпреварите на ФК Саса ?
Хајро Куртовиќ : Градскиот Стадион во Македонска Каменица секогаш беше полн. Натпреварите на ФК Саса беа празник во Македонска Каменица.

ФК Каменица Саса : Г-дине Куртовиќ, би можеле ли да се сетите на некоја анегдота, некој смешен момент, како дел од Вашата кариера ?
Хајро Куртовиќ : Тоа беше кога тренер ни беше Фрањо Пазмањ на натпревар во Охрид. На тој натпревар јас бев во резервите и на состанокот пред натпреварот Пазмањ ни рече : “Немојте да ми излезете на теренот и додека да ја испушам цигарата да примите гол.” И како за “малер” нашиот тренер само што ја запали цигарата на почетокот на натпреварот примивме гол. Јас тогаш на шала му реков : “Мајсторе, може ли една цигара ?” 🙂 🙂 🙂 a тој изнервиран ми рече : “Ќе ти дадам јас на тебе цигара, од Вас и јас ќе ги откажам 🙂 🙂 🙂 .

ФК Саса – Прослава при влезот на ФК Саса во Македонската Лига од Брегалнички Регион

ФК Каменица Саса : Г-дине Куртовиќ, дали фудбалерите во Ваше време беа “магнет” за припадничките на понежниот пол ?
Хајро Куртовиќ : Да, секако. И тоа посебно фудбалерите кои доаѓаа од страна, ако сум целосно искрен.

ФК Каменица Саса : Имате ли добиено црвен картон и дали физички се имате пресметано со некој противнички играч во Вашата кариера ?
Хајро Куртовиќ : Не, немам добиено црвен картон и никогаш се немам физички пресметано со противнички играч. Добивав често жолти картони, но имаше време кога неоправдано добиениот жолт картон се санкционираше финансиски од Управата на клубот.

ФК Каменица Саса : Кое според Вас беше најголемото фудбалско дерби во Истокот во тоа време ?
Хајро Куртовиќ : Најголемо дерби беше ФК Саса – ФК Брегалница Делчево.

ФК Каменица Саса : Дали во тоа време, ФК Саса беше присутна во медиумите и на кои спортски новинари од тоа време би можеле да се сетите ?
Хајро Куртовиќ : Во тоа време ФК Саса често ја имаше во медиумите. А кога се работи за спортско новинарство, би го спомнал Јован Чучуковски, кој имаше една огромна и прецизна евиденција, дури имаше идеја да направи еден сублимат во вид на книга од сите натпревари на ФК Саса.

ФК Каменица Саса : Кога и официјално завршува Вашата фудбалска кариера ?
Хајро Куртовиќ : Официјално ги закачувам копачките 1990-та година кога се вработувам во Рудник Саса.

ФК Каменица Саса : Кој е Вашиот омилен клуб ?
Хајро Куртовиќ : Ливерпул.

ФК Каменица Саса : Кој е Вашиот омилен тренер ?
Хајро Куртовиќ : Луис Ван Гал и Јирген Клоп се одлични тренери според мене.

ФК Каменица Саса : Кој е Вашиот омилен фудбалер ?
Хајро Куртовиќ : Стивен Жерард. Инаку исклучително ги почитувам играчите кои играат на позицијата заден везен, посебно кога се технички добро потковани.

ФК Каменица Саса : Што би им порачале на фудбалерите на младинските екипи на ФК Каменица Саса ?
Хајро Куртовиќ : На фудбалерите на младинските категории на ФК Каменица Саса би им порачал работа, дисциплина и приземност како пат до успехот.

ФК Каменица Саса : Г-дине Куртовиќ, Ви благодариме за одвоеното време и љубовта која и ја имате дадено на ФК Саса. Спортски поздрав и секое добро.
Хајро Куртовиќ : Ви благодарам и на Вас што ме потсетивте на едни преубави спортски и фудбалски времиња. Поздрав и од мене.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *