Почитувани фудбалски фанатици и вљубеници во најважната споредна работа во светот,
Драги навивачи на ФК Каменица Саса,

ФК Каменица Саса продолжува со своите интервјуа со многу наши поранешни фудбалери. За вечерва нашето време е резервирано за човекот кој со својата лавовска борба на зелените терени ги грееше навивачките срца, за човекот за кој не правеше разлика дали се игра дома или во гости и секогаш даваше максимум. За вечерва нашето време е резервирано за еден од најдобрите фудбалери на ФК Саса во нејзиното постоење. Прекрасен играч за врска и капитен, голем техничар, уште поголем фудбалски виртуоз, човек и спортист.

Ова е интервјуто со Перо Стојановски.

ФК Каменица Саса : Здраво Г-дине Стојановски, како сте вечерва ?
Перо Стојановски : Здраво и на Вас, вечерва сум одлично, во домашна атмосфера, согласно препораките во овие времиња.

ФК Каменица Саса : Кога започнува Вашиот фудбалски пат и беше ли дел од младински категории ?
Перо Стојановски : Мојот фудбалски пат започнува на моја 14 годишна возраст кога станувам дел од младинската школа на ФК Саса, тогаш и официјално сум регистриран во тогашниот ФСЈ – Фудбалски Сојуз на Југославија како фудбалер на ФК Саса.

Првата регистрација на Перо Стојановски
Перо Стојановски – фудбалер на ФК Саса (изгледот на фудбалските легитимации во време на СФРЈ)
Перо Стојановски – љубов кон фудбалот и ФК Саса уште од најмали години

ФК Каменица Саса : Кога стануваш дел од Сениорскиот Тим на ФК Саса ?
Перо Стојановски : Во тоа време Фудбалскиот Сојуз на Југославија размислуваше на развојот на младинските категории па така имаше едно правило дека двајца играчи во првиот состав на екипите мораат да бидат под 21 година. Согласно тоа правило а имајќи ги во предвид моите игри во младинските категории, мошне рано, некаде на 16 годишна возраст, станувам дел од сениорскиот тим на ФК Саса.

ФК Саса пред преполни трибини во Македонска Каменица
Перо Стојановски – прв, долен ред, од лево кон десно

ФК Каменица Саса : Кога беше твоето деби во зелено-црниот дрес ?
Перо Стојановски : Моето деби во ФК Саса беше во далечната 1985 година на натпреварот со екипата на Работнички на Градскиот Стадион во Македонска Каменица.

ФК Каменица Саса : Oсвен за ФК Саса имаш ли настапувано за друг клуб ?
Перо Стојановски : По испаѓањето на ФК Саса од Првата Македонска Фудбалска Лига настапував кратко за екипите на Осогово и Брегалница Делчево. Инаку морам да потенцирам дека како играч на ФК Саса додека се натпреварувавме во Првата Македонска Фудбалска Лига имав понуди од Грција од екипата на Ираклис и понуда од клуб од Америка и ги одбив и двете понуди. Тоа беше таа љубов кон ФК Саса.

ФК Каменица Саса : Кои беа тренерите кои беа дел од твојот фудбалски пат ?
Перо Стојановски : Прв тренер во Сениорите ми беше Јордан Минов, потоа се сеќавам на Лазо Јовановски, Славе Петровски – Лаче (помошен тренер), Симијон Сандев (помошен тренер), Мирко Наџаков, Илија Димовски, Добре Димовски, Вангел Симев, Влатко Костов, Фрањо Пазман, Перица Груевски и други тренери нека ми извинат оние кои ќе ги испуштам. Сите мои тренери имаа различен пристап во тренирањето на тимот. Еве на пример, тренерот Мирко Наџаков пред секој тренинг, пола час, ни ги црташе позициите на табла со посебни задачи за секој фудбалер итн.

ФК Каменица Саса : Кои беа твоите соиграчи во сезоните поминати во зелено-црниот дрес ?
Перо Стојановски : ФК Саса беше бренд во мое време. Беше чест и задоволство да се игра за ФК Саса. Инаку како фудбалер на ФК Саса имав многу соиграчи и нормално е дека неможам сите да ги набројам. Но еве некои од нив : Тони Анастасовски, Кире Темчев, Томе Петров, Драги Стојановски, Бранко Младеновски, Зоран Васевски, Лазо Јовановски, Валентин Стојковски, Сашко Мицевски, Сашо Васевски, Марјан Стојчевски, Стојче Милошевски, Гоце Даневски, Зоран Димитровски, Душко Стојковски итн.

ФК Саса, лево кон десно – Најгорен ред : Манов, Тенев, Милошевски, Стојков, Јакимов, Китановски, Јанев, Младеновски Во средина : Ангеловски, Игнатов, З. Милошевски, Данев, Толевски, Манев, Костов, Анастасовски, Темчев, Јовановски, Милосавов, Николов, Петров Долен ред : Гуриќ, Стојановски, Миленковски, Ивановски, Топаловски, Горѓиев, Игнатов, Димитров, Атанасов
ФК Саса во првите години после осамостојувањето –
Перо Стојановски – прв, долен ред, од лево кон десно

ФК Каменица Саса : Г-дине Стојановски ти важеше за all round-играч, играч за секоја позиција, фудбалер кој беше многу технички подготвен и доста брз. Но еве за помладите навивачи на ФК Саса на кои позиции играше и кој број на дрес го носеше ?
Перо Стојановски : Играв на сите позиции, зависи од тежината на натпреварот. Најмногу играв во средина или полушпиц, а броевите кои ги носев првенствено беа 8 и 10, а потоа кога во оптег ги пуштија броевите над 16, најчесто играв 20.

ФК Каменица Саса : Одеше ли често ФК Саса на припреми и каде одеше ?
Перо Стојановски : Да, ФК Саса одеше на припреми. Сме биле во Негорски Бањи, во Дојран, Охрид, Крушево, одевме и во Бугарија во Разлог, Банско, на Голак, во Пехчево итн. Понекогаш припремите наликуваа на фудбалски кампови, на пример во Дојран кога бевме истовремено гости беа и екипите на Борац од Чачак, Мајданпек која беше исто “рудничка екипа” и Партизан од Србија.

ФК Саса на припреми во Негорски Бањи – малку познатата црвена тренинг комбинација на клубот
ФК Саса на припреми во Дојран, Хотел “Млаз”
ФК Саса на припреми во Дојран, Хотел “Млаз”
ФК Саса – пријателски натпревар за време на припреми
Перо Стојановски – прв, долен ред, од лево кон десно

ФК Каменица Саса : Одевте ли често во карантин и каде ?
Перо Стојановски : Да одевме во карантин, зависно од тежината на натпреварите. Одевме на Градче во Кочани и овде во Домот на Рударите.

ФК Каменица Саса : Кои ти беа цимери за време на припремите и “карантинувањето”?
Перо Стојановски : Најчесто цимери ми беа Стојче Милошевски и Тони Анастасовски.

Фудбал и другарство – Перо Стојановски во друштво на Благојчо Стојанов и Љупчо Калаџиски кој бил голем младински талент на ФК Саса и кој заради годините морал да прави специјалистички преглед за да може да биде дел од Сенирскиот Тим на ФК Саса

ФК Каменица Саса : Со кој од играчите бевте најблизок, а со кого знаевте да се спречкате ?
Перо Стојановски : Kaвги нормално е да има како составен дел на играта, но пред се преовладуваше заедништвото. Инаку немав некој најблизок, сите сум ги почитувал еднакво.

ФК Саса 1995-та година – Горен Ред : Драги Стојановски, Тоде Митев, Владо Трифунов, Кире Темчев, Јаневски Влатко, Зоран Васевски Долен Ред : Валентин Стојковски, Влатко Гошев, Марјанчо Атанасов, Перо Стојановски, Тони Анастасовски

ФК Каменица Саса : Kaкви Ви беа платите и премиите во тоа време ?
Перо Стојановски : Платата беше врзана со редовноста на тренинзите, а инаку премиите беа доста битни, тие се одредуваа зависно од противникот и дали играме дома или гости. Обично, победа во гости беше дупло поголема од дома. Инаку ние имавме и казни доколку не победевме на домаше терен посебно со послабите екипите. Односно, секој успех се вреднуваше парично.

Пресметка на фудбалска плата, Перо Стојановски, ФК Саса, 1999-та година

ФК Каменица Саса : Како се исхрануваа фудбалерите во Ваше време и каде и што најчесто јадевте пред натпревар ?
Перо Стојановски : Да, нормално здраво се исхранувавме. За да бидеш фудбалер, мора да имаш енергија. Инаку за исхраната на домашен терен се исхранувавме пред натпреварот во Ресторанот Саса, на Базенот и во клубскиот Ресторан до трибините. Инаку пред натпревар најчесто јадевме супа, салата, парче скара, а зимно време храната беше малку полесна.

ФК Каменица Саса : Имаш ли натпревар кој ти е онака најдраг ?
Перо Стојановски : Јас имам изиграно повеќе од 500 натпревари во ФК Саса. Малку е тешко во толку многу натпревари да избереш најдобар, ама ајде да се обидам. Еве ми текнува на натпреварот со Вардар дома во Македонска Каменица, кога ги победивме со 2:0, во борбата за опстанок. Имавме убави натпревари со Прилепска Победа, кога во тоа време во Победа играа репрезентативците, Дејви Главевски, Драган Канатларовски итн.

ФК Каменица Саса : Можеш ли да го одвоиш твојот најтажен натпревар во ФК Саса ?
Перо Стојановски : Тоа е натпреварот во Струмица, со екипата на Беласица, кога изгубивме во последните секунди од натпреварот. Натпреварот заврши со резултат е 1:0, а натпреварот изгледаше како да моравме да изгубиме.

ФК Каменица Саса : Кој гол даден за ФК Саса ти е најдраг ?
Перо Стојановски : Тоа секако е натпреварот со скопски Вардар во Македонска Каменица. Тогаш ФК Саса го победи Вардар со 2:0, јас го постигнав вториот гол.

ФК Каменица Саса : Кој играч според тебе беше најдобриот противнички играч против кој имаш играно ?
Перо Стојановски : Јас на секој натпревар имав “лепенка”, па така имало доста “незгодни играчи”, но неможам да издвоjaм некој посебно.

ФК Каменица Саса : Според тебе кој од соиграчите со кои имаш играно беше најдобар ?
Перо Стојановски : Многу тешко прашање. Сите фудбалери имаа различни фудбалски задачи. Неможам да издвојам, ама имаше многу одлични играчи.

ФК Каменица Саса : Имаше ли дисциплина во тимот и уште поважно, имаше ли другарство?
Перо Стојановски : Да да, имаше дисциплина и секако имаше другарство и заедништво.

ФК Каменица Саса : Вие бевте и капитен на ФК Саса. Колку време и како беше да се биде капитен на ФК Саса во Ваше време?
Перо Стојановски : Јас бев капитен на ФК Саса скоро 8 години и верувајте тоа е голема одговорноста, ама па и победите како капитен се послатки.

Перо Стојановски – Капитен на ФК Саса

ФК Каменица Саса : Каква публика беа “Багерите” ?
Перо Стојановски : За Багерите имам само пофални зборови. Имавме некое взаемно почитување.

ФК Саса – ФК Силекс – првенствен натпревар, 1997-та година

ФК Каменица Саса : Ќе можеш ли да ни одвоиш некоја анегдота поврзана со ФК Саса, некој интересен момент ?
Перо Стојановски : Фудбалот е еден прекрасен спорт, во кој шалите и анегдотите не изостануваат. Имаше многу интересни моменти, ама еве јас сега можам да се сетам на два. Првиот е врзан со домашните натпревари кога не одевме во карантин. Тогаш, вечерта пред натпреварите на “проверуваа” дали сме дома или излезени, ѕвонејќи ни на фиксните телефони. Сите моравме во 22:00 часот, да бидеме дома и кога ќе ни заѕвонеја, моравме да се јавиме. Втор интересен момент беа завршувањето на тренинзите во време кога домаќин ни беше Хамид Куртовиќ. Тогаш во кофа ни ставаа сок за растворање или чај, зависно кое годишно време беше и ние буквално се тепавме кој повеќе да испие. Некако и чајот ама и сокот за растворање беа многу вкусни.

ФК Каменица Сaса : Koј ти е омилен клуб, фудбалер и тренер ?
Перо Стојановски : Манчестер Јунајтед, Ариел Ортега и Жозе Мурињо.

ФК Каменица Саса : Што би им порачал на фудбалерите на младинските категории на ФК Каменица Саса ?
Перо Стојановски : Младите треба да се стимулираат, да се развиваат преку спортот, да се дружат, да се промовираат, а така да ја промовираат и општината и државата. Им посакувам успешна работа на колегите кои работат со младинските категории, воедно голема поддршка и за развојот на женскиот спорт и фудбал во Македонска Каменица. Градот и ние жителите треба да знаеме дека преку спортот ќе ја промовираме и нашата општина, но ќе го промовираме и здравиот начин на живот кај младите и начинот на кој треба да се развиваат истите без разлика на полот. Младите треба да бидат упорни и истрајни.

ФК Каменица Саса : Што би и порачал на управата и спонзорите на клубот ?
Перо Стојановски : Со клубските резултати ја промовираме и општината но ги стимулираме и спонзорите Општина Македонска Каменица претставувана од Градоначалникот Соња Стаменкова и Рудник Саса претставуван од Генералниот Директор Олег Телнои. Инаку до спонзорите упатувам голема благодарност и се надевам на голема соработка и во иднина и заеднички успеси.

ФК Каменица Саса : Г-дине Стојановски, Ви благодариме за одвоеното време, да имате убава вечер и спортски поздрав.
Перо Стојановски : Ви благодарам и на Вас што ме вративте наназад многу години, во едно убаво фудбалско време, спортски поздрав и до Вас и секое добро.

Напис за Перо Стојановски во еден од најчитаните спортски весници во тоа време “СКОК”
Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *