Почитувани фудбалски фанатици и вљубеници во најважната споредна работа во светот,
Драги навивачи на ФК Каменица Саса,

ФК Каменица Саса продолжува со своите интервјуа со многу наши поранешни фудбалери. За вечерва нашето време е резервирано за човекот кој како “позајмен” играч од Вардар, првите сениорски натпревари ги игра токму во ФК Саса, пред да ја изгради својата блескава фудбалска кариера. Вечерва, нашето внимание е посветено на човекот кој како одбранбен фудбалер, бил еден од најдобрите стрелци во Македонска Републичка Лига и човек пред кого се уште многу се надеваме плодни тренерски и менаџерски години.

Ова е интервјуто со Драги Сетинов.

ФК Каменица Саса : Добровечер Г-дине Сетинов, како сте ?
Драги Сетинов : Добровечер и на Вас, се чувствувам одлично, се надевам дека и кај Вас е така. Ви благодарам на прашањето,

ФК Каменица Саса : Вечерва би сакале да поразговараме за Вас и за Вашaта прекрасна фудбалска кариера, Г-дине Сетинов, каде и кога ги бележите Вашите фудбалски почетоци ?
Драги Сетинов : Моите фудбалски почетоци се одамна, некаде на моја 12 годишна возраст, во далечната, 1973-та година, во Вардар…

ФК Каменица Саса : Вашите почетоци бележат ли настапи и за младински категории ?
Драги Сетинов : Да, моите први фудбалски почетоци беа во пионерите на Вардар, па во подмладокот на истиот тим, се до 1979-та година, кога за првпат станувам член на Сениорскиот Тим на Вардар во време кога тренер на Вардар е легендата на Партизан, Стјепан Бобек, а помошници се Часлав Божиновски, Ванчо Трпевски и Андон Дончевски, но без минутажа и настапи. Во тоа време, Бобек ми рече дека треба да побарам клуб, кадешто ќе играм, затоа што фудбалерите треба да играат.

ФК Каменица Саса : Кога и по чија иницијатива доаѓате во Македонска Каменица, во ФК Саса?
Драги Сетинов : Во ФК Саса доаѓам во Јуни 1980-та година. Во тоа време Вардар имаше широка конкуренција и клупа и се сеќавам во тогашен СПОРТ имаше статија дека Вардат ќе отстапува играчи да се “калат”, па така татко ми кој во тоа време беше благајник во Вардар стапи во контакт со Тихомир Георгиевски – Тише и станав “позајмен” играч на ФК Саса, кадешто одиграв само една сезона, сезоната 1980-81 – ва.

ФК Каменица Саса : Кои беа Ваши тренери за време на Вашиот краток престој во ФК Саса ?
Драги Сетинов : Прв тренер ми беше Петар Пуриќ, потоа после 2 месеци беше сменет па на негово место дојде Јордан Минов. И двајцата тренери беа коректни и се држеа до свои принципи на работа.

ФК Каменица Саса : Кои беа Ваши соиграчи во ФК Саса ?
Драги Сетинов : Првиот мој вистински сениорски фудбалски ангажман е токму во ФК Саса. Секогаш ќе се сеќавам на таа прекрасна година во Македонска Каменица. Мои соиграчи во ФК Саса беа : (со извинување до оние кои можеби несакајќи ќе ги испуштам) Томе Петров, Благој Струков, Фиданчо Телетански, Славе Петровски – Лаче, Стоиле Игнатов – Моцо, Кировски, Игнатов, Арсов, Лазо Јовановски, Михајлов Ване, Методи Горгиев – Осим, Љупчо Глигоровски, Бранко Соколовски, Хајро Куртовиќ итн.

ФК Саса, сезона 1980-1981 година
Драги Сетинов – Горен ред, од лево кон десно, трет

ФК Каменица Саса : Кои клубски фудбалски успеси ја одбележаа Вашата кариера во ФК Саса ?
Драги Сетинов : Јас во ФК Саса изиграв една сезона, 1980/81, тогаш завршивме 5-ти во Републичката Македонска Лига и игравме еден прекрасен фудбал и бевме тежол противник буквално за секоја екипа во лигата.

ФК Каменица Саса : Г-дине Сетинов, за помладите генерации кои можеби не знаат, на кој позиција игравте во ФК Саса и кој број на дрес го носевте ?
Драги Сетинов : Либеро, број 5. Но, понекогаш играв и напаѓач.

ФК Каменица Саса : Имате ли натпревар одигран во дресот на ФК Саса кој Ви е посебно драг ?
Драги Сетинов : Самите почетоци во ФК Саса секако ми се драги, првиот мој натпревар беше со екипата на Љуботен, победивме 1:0, јас го дадов голот.Потоа вториот натпревар во Неготино со екипата на Вардар, 1:1 истотака јас го дадов голот. И секако еден од најдрагите натпревари во дресот на ФК Саса ми беше натпреварот со Вардарски од Богданци во Македонска Каменица кога победивме со 4:1, a јас дадов 2 гола. Сите овие голови ги дадов како либеро. Jaс бев и еден од најдобрите стрелци во лигата во тоа време, ако добро се сеќавам бев втор стрелец, мислам дека прв беше еден фудбалер на Слога од Виница, ама одамна беше, не се сеќавам точно за кого се работеше.

ФК Каменица Саса :  Има ли натпревар одигран во ФК Саса кој Ве натажи како човек и фудбалер ?
Драги Сетинов : Натпреварот со Победа Прилеп во Македонска Каменица, во кој ако ние победевме Брегалница Штип ќе се пласираше во повисок ранг на натпреварување, ако па изигравме нерешено или ако бевме поразени ќе влезеше Победа Прилеп. Тоа беше времето на еден од најдобрите тимови на Прилепска Победа во кој настапуваа еден Маневски, па Магдевски, Милосовски итн. Изгубивме 1:2 во последните моменти од натпреварот, но игравме под страшен притисок. А трибините беа преполни.

ФК Каменица Саса : Како се однесуваше Каменичката публика и воопшто фудбалска јавност кон Вас, фудбалерите условно кажано “од страна” ?
Драги Сетинов : Секогаш коректно, јас доаѓав Вторник преспивав, и се враќав во Петок, во меѓувреме тренирав во Скопје. Во времето кога бев во Македонска Каменица, Вторник и Петок, луѓето беа прекрасни, се дружевме се почитувавме, разговаравме кога ќе отидевме на ќебапи, се беше прекрасно.

ФК Каменица Саса : Јa пратите ли денешна ФК Каменица Саса ?
Драги Сетинов : Да ја пратам, посебно сега кога Мите Митев е тренер, човек кој ми е посебно драг.

ФК Каменица Саса : Која е Вашата сегашна професија ?
Драги Сетинов : Јас по професија сум тренер, но без ангажман во моментов, инаку бев тренер на сениорските тимови на Тетекс и Вардар, на младинските школи во Вардар, бев Селектор на Младинските Репрезентации на Македонија во периодот 1999-та-2003-та година, а со ЖФК Драгон ја освоив титулата во Македонија. Инаку бев и претседател на Вардар. Во моментов, мојата иднина ја гледам или како тренер или како фудбалски и спортски менаџер и се надевам и верувам во скорашен ангажман.

ФК Каменица Саса : Г-дине Сетинов ќе можете ли да ни издвоите една анегдота еден смешен момент од вашата година помината во ФК Саса ?
Драги Сетинов : Па имаше пред се убави моменти. Краток период бев во ФК Саса, но остана белег во моето срце. Се сеќавам кога ќе дојдев од Скопје, Венцислав Симоновски – Кичо, со кој бевме едни од најмладите во тимот, секогаше “ме тераше” да го честам во кафанчето кое се наоѓаше на самиот влез на градот, од десната страна. Истотака, анегдота на некој начин беше тоа што јас пиев само сок. Сите понекогаш знаеаја да испијат по некое пиво, само јас пиев сок. Дури соиграчите нарачуваа наместо мене во стилот “За скопскиот само сок”.

ФК Каменица Саса : Со кој од соиграчите бевте најблизок ?
Драги Сетинов: Најблизок бев со Венцислав Симоновски – Кичо и Хајро Куртовиќ. Инаку имав коректен однос со сите. Инаку Венцислав Симоновски – Кичо живееше во Хотел Саса, а јас во собите над Ресторан Саса.

ФК Каменица Саса : Имавте ли цимери ?
Драги Сетинов : Не, само кратко престојував во Македонска Каменица и живеев сам.

ФК Каменица Саса : Кој Ви е омилен светски клуб ?
Драги Сетинов : Ливерпул.

ФК Каменица Саса : Кој Ви е омилен фудбалер ?
Драги Сетинов : Сите добри играчи ги почитувам, немам омилен фудбалер. Инаку, ако морам да спомнам некој, еве би рекол дека Фирмињо ме воодушевува во последно време.

ФК Каменица Саса : Кој е според тебе најдобриот играч против кого имаш играно ?
Драги Сетинов : Тоа е секако Жан Пјер Папен, кој играше во Марсеј, во периодот додека јас бев во Хајдук. Потежок играч за чување сум немал, за време на моите настапи во Хајдук. Инаку на овие простори најтежок играч за чување ми беше Фадиљ Вокри, играч на Партизан и Приштина.

“Момчето на ФК Саса“, Драги Сетинов како фудбалер на Хајдук Сплит во дуел со Игор Штимац

ФК Каменица Саса : Кои се најдобрите играчи со кои имаш играно како фудбалер на ФК Саса но и во целокупната фудбалска кариера ?
Драги Сетинов : Во ФК Саса би ги издвоил Лазо Јовановски, и Фиданчо Телетански, а во Хајдук, Аљоша Асановиќ.

ФК Каменица Саса : Беа ли гледани фудбалерите на ФК Саса во Ваше време, со едни поинакви очи, беа ли огледало на едно општество ?
Драги Сетинов : Апсолутно. Неспоредливо со тоа како сега се гледаат.

ФК Каменица Саса : Освен во ФК Саса, од кои други клубови бевте дел ?
Драги Сетинов : ФК Саса како прв мој клуб во кој играв за сениорскиот тим па потоа Победа Прилеп, Хајдук Сплип, Етникос од Пиреја, Работнички и Вардар, ФК Хања во Грција, а кариерата ја завршувам во 1996 во Работнички. Од репрезентативни настапи играв за Младата Репрезентација на Југославија, за Универзитетската Репрезентација на Југославија, а бев повикан во Репрезентацијата на Југославија на турнирот во Индија, за време на селекторот Милош Милутиновиќ, во Јануари, 1985-та година, но не влегов во игра.

Драги Сетинов, фудбалер на ФК Саса, Победа Прилеп, Хајдук Сплип, Етникос Пиреја, Работнички Скопје, Вардар Скопје и ФК Хања Грција

ФК Каменица Саса : Имаше ли дисциплина во тоа време во ФК Саса ?
Драги Сетинов : Нормално. Имаше дисциплина, карантини, коректни и редовни исплати и големо другарство.

ФК Каменица Саса : Кој ти беше цимер во карантин ?
Драги Сетинов : Хајро Куртовиќ.

ФК Каменица Саса : Како се храневте пред натпревар за време на Вашиот престој во ФК Саса ?
Драги Сетинов : Јас се издвојував од останатиот дел од тимот, бидејќи имав посебен режим на исхрана. Пред натпревар јадев исклучиво лесна храна, како домати и сирење и секогаш пред почетокот на натпреварите јадев чоколадо.

ФК Каменица Саса : Има ли некое јадење кое те потсеќа на Македонска Каменица ?
Драги Сетинов : Ме потсеќаат кебапите, во кафанчето на влезот на Македонска Каменица од десната страна. Често јадевме 5-ка со буковец и лута пиперка.

ФК Каменица Саса : Што би им порачале на младинските категории на ФК Саса ?
Драги Сетинов: Па, би им порачал дека не е важно од каде се почнува, туку дека само со работа може да се стигне до успехот. Бидете упорни и трпеливи и верувајте во успех.

ФК Каменица Саса : Г-дине Сетинов, Ви благодариме за одвоеното време, Ви посакуваме многу нови тренерски и менаџерски ангажмани во иднина. Секое добро и спортски поздрав од Македонска Каменица.
Драги Сетинов: Ви благодарам и на Вас што ме потсетивте на моите вистински фудбалски почетоци во екипата на ФК Саса која секогаш ќе ми остане во срцето. Ви посакувам успешни настапи и што поскоро да бидете дел од елитното прволигашко друштво. Спортски поздрав и од мене.


Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *