Почитувани фудбалски фанатици и вљубеници во најважната споредна работа во светот,
Драги навивачи на ФК Каменица Саса,

ФК Каменица Саса продолжува со своите интервјуа со многу наши поранешни фудбалери. За вечерва нашето време е резервирано за едно од најдобрите леви крила во 80-тите години од минатиот век во Македонија, за човекот кој како фудбалер на ФК Саса “ги работел” противнички средни редови и одбрани и имал фантастично чувство за асистенција, вечерва нашето време е резервирано за фудбалерот на ФК Саса, кој својот фудбалски пат денес го чекори како тренер.

Ова е интервјуто со Зоки Божиновски.

ФК Каменица Саса : Добровечер Г-дине Божиновски, како сте ?
Зоки Божиновски : Благодарам на прашањето, одлично сум, се надевам дека и кај Вас е така.

ФК Каменица Саса : Вечерва би сакале да поразговараме за Вас и за Вашaта фудбалска кариера, Г-дине Божиновски, каде и кога ги бележите Вашите фудбалски почетоци ?
Зоки Божиновски : Моите први фудбалски почетоци се во ФК Вардар во далечната 1969-та година.

ФК Каменица Саса : Вашите почетоци бележат ли настапи и за младински категории ?
Зоки Божиновски :  Да, да нормално. Почнувам како дел од пионерските категории на ФК Вардар, па потоа ги поминувам сите младински селекции на Вардар, за во 1974-та година во време кога тренер на сениорите на Вардар е Божиновски да ме земат во сениорскиот тим. Во тоа време во Вардар имаше силна конкуренција и голем ростер на фудбалери, па така веднаш ме позајмуваат во Југококта за да се “калам” фудбалски кажано.

ФК Каменица Саса : Кога и по чија иницијатива доаѓате во Македонска Каменица, во ФК Саса?
Зоки Божиновски :  Во ФК Саса доаѓам во 1980-тата година, на иницијатива на Тихомир Ѓеоргиевски – Тише, кој ги прати моите натпревари во екипата на Слога oд Виница и во мене препознава иден фудбалер на ФК Саса.

Зоран Божиновски – Горен ред, 4-ти од лево кон десно
ФК Саса 1982/83 година – од лево кон десно,
 горен ред : Љупчо Глигоровски, Марјан Стојчевски, Љупчо Секулов, Зоран Божиновски, Ѓоко Спасовски, Томе Петров
 долен ред : Сашо Мицевски, Дуле Милосављевиќ, Лазо Јовановски, Виде Велиновски, Јаким Бакулески

ФК Каменица Саса : Кои беа Ваши тренери за време на Вашиот краток престој во ФК Саса ?
Зоки Божиновски :  Па имаше повеќе тренери, нека ми извинат оние кои ќе ги испуштам, но сепак, одамна беше, ќе почнам со Фрањо Пазмањ, па Роксандиќ, Јордан Минов, Мирко Наџаков, Петруш Ивановски и Симијон Сандев помошни тренери…..

ФК Каменица Саса : Кои беа Ваши соиграчи во ФК Саса ?
Зоки Божиновски : Во ФК Саса имав прекрасни соиграчи и секогаш бевме колектив за респект. Нормално е во толку години да имам многу соиграчи а уште понормално е да неможам сите да ги набројам, но еве, ќе ги набројам оние на кои ќе се сетам во моментот, другите нека ми извинат : Владо Ристов, Костенчев Ванчо, Лазо Јовановски, Бранко Младеновски, Миле Јовановски, Дуле Милосављевиќ, Бранко Младеновски, Љупчо Глигоровски, Лазо Јовановски, Венцислав Симоновски – Кичо, Бранко Соколовски, Томе Петров, Стоиле Игнатов, Делчо Јакимовски, Виде Велиновски, Марјан Стојчевски, Сашо Васевски, Тони Анастасовски, Игнатов, Телетански, Коцев, Шијаков …..

Пријателски натпревар : ФК Саса – ФК Брегалница 4:0
Горен ред од лево кон десно : Љупчо Глигоровски, Методи Горгиев, Ѓоко Спасовски, Стоиле Игнатов, Томе Петров, Сашо Васевски 
Долен ред од лево кон десно : Делчо Јакимовски, Лазо Јовановски, Дуле Милосављевиќ, Зоран Божиновски, Јаким Бакулески

ФК Каменица Саса : Кои клубски фудбалски успеси ја одбележаа Вашата кариера во ФК Саса ?
Зоки Божиновски :  Јас бев во ФК Саса во периодот 1980-1985-та година и во тој период тврдам дека секогаш можевме да влеземе во Втората Југословенска Лига, бидејќи се натпреварувавме во Македонската Републичка Лига, но некако секогаш фалеше малку за тоа. Секогаш бевме во врвот.

ФК Саса – убава фудбалска приказна
Зоран Божиновски – Трет во горен ред, од лево кон десно
ФК Саса – убава фудбалска приказна
Зоран Божиновски – Петти во долен ред, од лево кон десно

ФК Каменица Саса : Г-дине Божиновски, за помладите генерации кои можеби не знаат, на кој позиција игравте во ФК Саса и кој број на дрес го носевте ?
Зоки Божиновски : Јас играв на позицијата лево крило и го носев бројот 11.

ФК Каменица Саса : Г-дине Божиновски, напорни ли беа тренинзите во тоа време, на што се работеше повеќе, на физичка спремност или тактичка и техничка подготвеност ?
Зоки Божиновски : И двете работи постоеја, паралелно. Зависно од тренерот. Еве како пример би го дал Фрањо Пазмањ кој повеќе внимание обрнуваше техничкиот и фудбалскиот дел, а за разлика од него во времето кога Роксандиќ ја водеше ФК Саса имавме силни кондициони тренинзи. Инаку, Мирко Наџаков беше еден од тренерите кои ми остави силен впечаток, секогаш зборуваше тивко и паметно, никогаш не повишуваше глас на никој, едноставно стручњак со педигре.

Тренинг на ФК Саса – Зоран Божиновски, 4-ти од лево кон десно
Од лево кон десно : Делчо Јакимовски, Лазо Јовановски, Јаким Бакулески, Зоран Божиновски, Бранко Младеновски

ФК Каменица Саса : Имате ли натпревар одигран во дресот на ФК Саса кој Ви е посебно драг ?
Зоки Божиновски : ФК Саса – ФК Тетекс, кога Тетекс требаше да влезе во Втора Југословенска Лига, на која јас го постигнав голот. Натпреварите со Беласица ми се допаѓаа истотака.

ФК Каменица Саса :  Има ли натпревар одигран во ФК Саса кој Ве натажи како човек и фудбалер ?
Зоки Божиновски :  Како фудбалер најтажен ми е натпреварот Со Кожуф Гевгелија, во Македонска Каменица. Како човек пак најтажен ми е натпреварот со Металург во Македонска Каменица, кога се повредив, односно ја скршив јаболчницата на лицето и морав да бидам пренесен во болница во Скопје.

ФК Каменица Саса : Како се однесуваше Каменичката публика и воопшто фудбалска јавност кон Вас, фудбалерите условно кажано “од страна” ?
Зоки Божиновски : Секогаш коректно и со полна доверба кон мене, никогаш никој не ми кажал лош збор, ниту на терен ниту надвор од него.

ФК Каменица Саса : Јa пратите ли денешна ФК Каменица Саса ?
Зоки Божиновски :  Да ја пратам, согласно мојата сегашна професија тоа е и нормално.

ФК Каменица Саса : Која е Вашата сегашна професија ?
Зоки Божиновски : Тренер во Работнички на Генерација 2005.

ФК Каменица Саса : Г-дине Божиновски ќе можете ли да ни издвоите една анегдота еден смешен момент од вашата година помината во ФК Саса ?
Зоки Божиновски :  Имаше многу анегдоти и шеги. Еве на она на што сега се сеќавам е тренинг на ФК Саса во времето на Фрање Пазмањ. Тренираме одбрана и на нафрлена топка треба одбранбените играчи да ја исфрлат при што мојот драг соиграч Јоце Стојов му вели на тренерот да му дозволи тој да ја исфрли топка со глава од одбрана а беше низок фудбалер, на што Фрањо Пазмањ му вели на српски : “ти можеш да повучеш само ручицу у енглеском вц” … Истотака Пазмањ имаше уште една интересна изрека, тој велеше “лова је у трави, играјте и наџите је” 🙂

ФК Каменица Саса : Со кој од соиграчите бевте најблизок ?
Зоки Божиновски : Со сите бев близок, ама ако треба да изберам некој тоа нека бидат Владо Ристов, Љубе Ѓуровски и Томе Петров.

Горе : Драган Илиевски, Ванчо Костенчев
Доле : Зоран Божиновски, Јаким Бакулески

ФК Каменица Саса : Имавте ли цимери ?
Зоки Божиновски :  Во Македонска Каменица прво живеев во стан, па во хотелот, но бев сам, немав цимери.

ФК Каменица Саса : Кој Ви е омилен светски клуб ?
Зоки Божиновски : Јувентус.

ФК Каменица Саса : Кој Ви е омилен фудбалер ?
Зоки Божиновски : Меси.

ФК Каменица Саса : Кој Ви е омилен тренер ?
Зоки Божиновски : Мирко Наџаков.

ФК Каменица Саса : Кој е според тебе најдобриот играч против кого имаш играно ?
Зоки Божиновски : Имаше доста добри противнички играчи во тоа време, ама така “најтежок” ми беше Мечев од Победа Прилеп.

ФК Каменица Саса : Беа ли гледани фудбалерите на ФК Саса во Ваше време, со едни поинакви очи, беа ли огледало на едно општество ?
Зоки Божиновски : Да да, бевме гледани како спортисти, во тоа време важна беше играта и таа беше многу над оној материјалниот дел. Во прв план секогаш беше да покажеш дека знаеш да играш. И тоа го гледаа навивачите и го вреднуваа.

ФК Каменица Саса : Освен во ФК Саса, од кои други клубови бевте дел ?
Зоки Божиновски : Вардар, Југококта, Балкан, Куманово, Рад (Белград), Слога Виница, ФК Скопје и Маџари Солидарност. Имам играно и за Македонска Фудбалска Репрезентација на источниот дел, се сеќавам на натпреварот со Репрезентацијата на Бугарија од округот Ќустендил во Ќустендил. Тогаш се организираа такви натпревари.

ФК Каменица Саса : Имаше ли дисциплина во тоа време во ФК Саса ?
Зоки Божиновски :  Основно да се одржи клубот во таа силна лига е да има дисциплина. Во ФК Саса секој секогаш знаеше каде му е местото и се функционираше како подмачкано.

ФК Каменица Саса : Одевте ли во карантин и каде ?
Зоки Божиновски : Да, пред сите силни натпревари одевме во карантин. Сме оделе во мотелот во с.Луковица, во Делчево, во хотелот во Македонска Каменица…

ФК Каменица Саса : Одевте ли на припреми често ?
Зоки Божиновски : Тоа беше правило. После секоја завршена полусезона одевме на припреми. Одевме на припреми во Пехчево, Охрид, Дојран, Крушево итн.

ФК Каменица Саса : Кој ти беше цимер во карантин или на припреми ?
Зоки Божиновски :  Сум имал повеќе цимери. Цимери ми биле Ристов, Игнатов, Методи Горгиев – Осим, Лазо Јовановски.

ФК Каменица Саса : Како и каде се храневте пред натпревар за време на Вашиот престој во ФК Саса ?
Зоки Божиновски :  Храната ја одредуваше стручниот штаб и докторот на ФК Саса. Најчесто јадевме во Ресторан Саса, инаку секогаш јадевме супа и салата пред главното јадење и десерт на крајот.

ФК Каменица Саса : Има ли некое јадење кое те потсеќа на Македонска Каменица ?
Зоки Божиновски : Топол бурек со сирење или со месо. А инаку од она што се сеќавам одевме и во Облешево на жабји батаци.

ФК Каменица Саса : Малку и за Вашата тренерска кариера, каде се бевте тренер ?
Зоки Божиновски : На сениорски тимови сум бил тренер на Еуромилк со кого влегов во Втора Лига, на ЈСП, на Локомотива, а како тренер на младински категории бев Првак на Македонија 1998/99-та година со Работнички, кадешто сум и ден денес.

ФК Каменица Саса : Што би им порачале на младинските категории на ФК Саса ?
Зоки Божиновски :  Да веруваат во тоа што го работат. Спортот е единствен начин да се изгради една здрава личност и во спортот секогаш има позитивни и искрени личности. Сите спортисти кои сум ги запознал ми се добри пријатели и сите без исклучок се добри и искрени луѓе.

ФК Каменица Саса : Денес сте среќно оженет…
Зоки Божиновски : ДА. Среќно сум оженет со сопругата Синка со која имам две прекрасни деца, син и ќерка.

ФК Каменица Саса : Има ли нешто што сакаш да кажеш онака од срце ?
Зоки Божиновски : Ми недостига Македонска Каменица и сакам да дојдам. И искрено и од срце сакам да ја видам ФК Каменица Саса во Прва Македонска Фудбалска Лига.

ФК Каменица Саса : Г-дине Божиновски, Ви благодариме за одвоеното време. Секое добро и спортски поздрав од Македонска Каменица.
Зоки Божиновски : Ви благодарам и на Вас што ме потсетивте на едни убави фудбалски времиња и на екипата кој сеуште ми е во срцето. Спортски поздрав и од мене.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *