Почитувани фудбалски фанатици и вљубеници во најважната споредна работа во светот,
Драги навивачи на ФК Каменица Саса,

ФК Каменица Саса продолжува со своите интервјуа со многу наши поранешни фудбалери. За вечерва нашето време е резервирано за човекот кој првенствено како фудбалер, а потоа и како Претседател на клубот, остава силен белег во ФК Саса. Вечерва нашето време е резервирано за човекот кој фудбалската кариера во зелено-црниот дрес ја започнува како голман, а ја завршува како “убиствено” десно, а понекогаш и лево крило и човек чие фудбалско презиме сеуште активно придонесува за развојот на сегашна ФК Каменица Саса, преку неговиот син Сашо Велиновски, кој беше капитен на тимот кој влезе од Третата во Втората Македонска Фудбалска Лига и кој во моментов е тренер на младинските категории на клубот. Оваа вечер е вечер посветена на фамилија чија љубов кон фудбалот се пренесува од генерација на генерација.

Ова е интервјуто со Виде Велиновски.

ФК Каменица Саса : Добровечер Г-дине Велиновски, како сте вечерва ?
Виде Велиновски : Добровечер и на Вас, благодарам на прашањето се чувствувам одлично.

ФК Каменица Саса : Г-дине Велиновски кога започнува Вашиот фудбалски пат ?
Виде Велиновски : Мојот фудбалски пат започнува во далечната 1974-та година. Започнав како голман на младинскиот тим на ФК Саса, бранејќи го голот само во пролетниот дел од првенството, а веќе во есенскиот дел од првенството сум прекомандуван во првиот тим на ФК Саса, но како играч.

Виде Велиновски ја започнува својата фудбалска кариера како голман
Виде Велиновски – Љубов кон “бубамарата” која започнува уште од најмлади години

ФК Каменица Саса : Бележи ли Вашата кариера настапи за младински категории ?
Виде Велиновски : Да, како што кажав погоре, една полусезона во младинскиот тим на ФК Саса.

ФК Каменица Саса : Кога за првпат и официјално станувате дел од сениорите ФК Саса ?
Виде Велиновски : Првпат, станувам дел од сениорите на ФК Саса во далечната 1974-та година, во есенскиот дел од сезоната.

ФК Каменица Саса : Кои беа Вашите тренери долж Вашата фудбалска кариера ?
Виде Велиновски : Како прв тренер ми беше Ване (Камачо), прв голман на првата екипа на ФК Саса, потоа Минов, Наџаков, Роксандиќ и други.

ФК Саса во време на СФРЈ
ФК Саса во едни убави фудбалски времиња
Виде Велиновски – горен ред, од лево кон десно, втор
ФК Саса во едни убави фудбалски времиња
Виде Велиновски – долен ред, од лево кон десно, петти

ФК Каменица Саса : На кои ваши соиграчи можете да се сетите во моментот …
Виде Велиновски : Се сеќавам на сите мои соиграчи, но бидејќи се многу и неможам сите да ги набројам, ќе ви издвојам неколку : Лазо Јовановски, Славе Петровски, Томе Петров, Стоиле Игнатов итн.

“Убиствена” прва постава на ФК Саса
Виде Велиновски – долен ред, од лево кон десно, втор
Виде Велиновски во друштво на Ванчо Ѓоргиев
Виде Велиновски во друштво на Стојче Панов

ФК Каменица Саса : Кој од фудбалерите беше најдисциплиниран а кој знаеше “да фати и кривина” ?
Виде Велиновски : Најдисциплиниран фудбалер според мене беше Томе Петров, а не се сеќавам дека имало такви што фаќале кривини. Во тоа време фудбалот се сакаше толку многу, што фудбалската дисциплина ја имаше секој од нас.

Виде Велиновски во друштво на еден од најдисциплираните фудбалери на ФК Саса во тоа време, голманот Томе Петров

ФК Каменица Саса : На кој позиција игравте и кој број на дрес го носевте ?
Виде Велиновски : Играв најчесто на две позиции, или лево или десно крило. Кога играв десно крило носев 7-ца, а кога играв лево крило 11-ка.

ФК Каменица Саса : Со кого од соиграчите бевте најблизок ?
Виде Велиновски : Во тоа време фудбалското другарство беше на високо ниво. Буквално со сите играчи другарував, ама еве ако треба да изберам некој, најблизок бев со Хајро Куртовиќ и Стоиле Игнатов.

Приказна за едно големо фудбалско другарство –
Хајро Куртовиќ и Виде Велиновски

ФК Каменица Саса : Освен во ФК Саса, имате ли играно и во друг фудбалски клуб ?
Виде Велиновски : Да, во Малеш од Берово.

ФК Каменица Саса : Дали во тоа време одевте во карантини (и каде) ?
Виде Велиновски : Да, одевме во Мотел Градче во Кочани најчесто.

Другарство кое останува и после натпреварите на ФК Саса / Другарство и за време на припремите, карантините и излегувањата, другарство кое трае до ден денес
Виде Велиновскилево најгоре

ФК Каменица Саса : Одевте ли на припреми (и каде) ?
Виде Велиновски : Да, да, секако. Се сеќавам дека бевме на припреми во Берово, Негорски Бањи, Голак, Струга, како и на Власинско Езеро во Србија.

ФК Каменица Саса : Како и каде се исхранувавте пред натпревар ?
Виде Велиновски : Во Хотел Саса, кога игравме дома, а кога игравме во гости најчесто во “8-ми Километар” во Штип, но и на многу други места.

ФК Каменица Саса : Какви примања во Ваше време имаше еден фудбалер на ФК Саса ?
Виде Велиновски : Примањата беа добри. Фудбалерите беа плаќани од тренинзи, земаа премии и истотака фудбалерите беа вработувани во Рудник Саса.

ФК Каменица Саса : Какви услови за тренирање и каква опрема имаше ФК Саса во Ваше време ?
Виде Велиновски : Во мое време имаше прекрасни услови за тренирање и квалитетна опрема од познати брендови како Адидас, Најк и други.

ФК Каменица Саса : Има ли натпревар од Вашата кариера кој никогаш нема да го заборавите ?
Виде Велиновски : Да, тоа е натпреварот со Штипска Брегалница.

Фудбалерите на ФК Саса во заеднички слика со фудбалерите на Јака Радовиш

ФК Каменица Саса : Кој од Вашите соиграчи според Вас беше најдобар ?
Виде Велиновски : Видете, во мое време имаше многу прекрасни играчи, ама според мене Петровски Славе беше најдобар.

Виде Велиновски во тим со Славе Петровски, соиграчот за кого вели дека бил најдобар
Славе Петровски – долен ред, од лево кон десно, четврти
Виде Велиновски – долен ред, од лево кон десно, шести

ФК Каменица Саса : Г-дине Велиновски, кој противнички играч според Вас е најдобриот против кого имате играно ?
Виде Велиновски : Не ги паметам противничките играчи.

ФК Каменица Саса : Се сакаше ли фудбалот во тоа време и колку луѓе доаѓаа на натпреварите на ФК Саса ?
Виде Велиновски : Натпреварите на ФК Саса на домашен терен беа вистински празник. Во Недела, сите беа на стадионот и млади и стари и жени и деца и сите со срце навиваа за нас.

ФК Каменица Саса : Г-дине Велиновски, би можеле ли да се сетите на некоја анегдота, некој смешен момент, како дел од Вашата кариера ?
Виде Велиновски : Незнам, верувајте ги имаше многу, но во моментов неможам да се сетам на ниеден.

Фудбалот, спорт во кој на радосните моменти се радувате заедно, на тажните моменти тагувате заедно
Исечок од фудбалска прослава – Виде Велиновски – горен ред, во средина

ФК Каменица Саса : Г-дине Велиновски, дали фудбалерите во Ваше време огледало во општеството и истовремено беа ли “магнет” за припадничките на понежниот пол ?
Виде Велиновски : Да.

Виде Велиновски – фудбалер на ФК Саса во време во кое фудбалерите биле вистинско огледало во едно општество

ФК Каменица Саса : Имате ли добиено црвен картон и дали физички се имате пресметано со некој противнички играч во Вашата кариера ?
Виде Велиновски : Да, имам добиено црвен картон, но никогаш физички се немам пресметано со противнички играч.

ФК Каменица Саса : Кое според Вас беше најголемото фудбалско дерби во Истокот во тоа време ?
Виде Велиновски : Најголемото дерби во мое време, секако беше локалното дерби ФК Саса – ФК Брегалница Делчево.

ФК Каменица Саса : Кога и официјално завршува Вашата фудбалска кариера ?
Виде Велиновски : Мојата фудбалска кариера завршува во 1984-та година.


ФК Каменица Саса : Г-дине Велиновски, Вие во одреден период бевте дел и од раководството на ФК Саса, во кое време беше тоа, која беше Вашата функција во клубот и беше ли предизвик да се раководи со ФК Саса во тој период ?
Виде Велиновски : Да, така е. Бев Претседател на ФК Саса во периодот 2000-2002 година и верувајте во тоа време имаше големи предизвици поврзани со клубот.

ФК Каменица Саса : Кој е Вашиот омилен клуб ?
Виде Велиновски : Мој омилен клуб е Белградска Црвена Ѕвезда.

ФК Каменица Саса : Кој е Вашиот омилен тренер ?
Виде Велиновски : Карло Анчелоти

ФК Каменица Саса : Кој е Вашиот омилен фудбалер ?
Виде Велиновски : Лео Меси.

ФК Каменица Саса : Што би им порачале на фудбалерите на младинските екипи на ФК Каменица Саса ?
Виде Велиновски : Да бидат упорни, да тренираат и да ги слушаат своите тренери.

ФК Каменица Саса : Што би и порачале на раководните луѓе на ФК Каменица Саса ?
Виде Велиновски : На раководните луѓе на ФК Каменица Саса би им порачал да бидат покоректни со играчи и тоа што ветуваат да го исполнуваат.

ФК Каменица Саса : Г-дине Велиновски и Вашиот син Сашо долги години успешно ги бранеше боите првенствено на ФК Саса а потоа и на ФК Каменица Саса на која беше и капитен при влезот од Третата во Втората Македонска Фудбалска Лига, што Ве прави една позната Каменичка фудбалска фамилија. Дали би биле среќни и пред се горди доколку еден ден и Вашите внуци го носат зелено-црниот дрес ?
Виде Велиновски : Да, секако. Не постои поголема среќа и гордост, кога твојот син ќе почне да чекори по твојот пат, а уште повеќе доколку тоа го дочекаме и од внуците.

Приказна за една фудбалска фамилија / Сашо Велиновски син на Виде Велиновски кариерата во ФК Каменица Саса ја заврши како капитен
Kaков татко, таков син / Со овој еврогол синот на Виде Велиновски, Сашо Велиновски ја доби наградата “Најубав гол за 2018-та година” на Манифестација “50 години ФК Саса”

ФК Каменица Саса : Г-дине Велиновски, Ви благодариме за одвоеното време и љубовта која и ја имате дадено на ФК Саса. Спортски поздрав и секое добро.
Виде Велиновски : Ви благодарам и на Вас и секое добро.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *