Почитувани фудбалски фанатици и вљубеници во најважната споредна работа во светот,
Драги навивачи на ФК Каменица Саса,

ФК Каменица Саса продолжува со своите интервјуа со многу наши поранешни фудбалери. За вечерва нашето време е резервирано за човекот кој бил столб во одбраната на ФК Саса и човек кој дури од САД одвои време и разговараше со нас, за да не потсети на убавите времиња поминати во ФК Саса и да им се претстави на помладите генерации на ФК Саса и воопшто вљубеници во фудбалот кои немале можност да уживаат во неговиот талент и игри, вечерва нашето време е резервирано за човекот кој бил дел од прекрасниот тим на ФК Саса кој во доцните 70-ти години од минатиот век, влегол во Македонската Републичка Лига.

Ова е интервјуто со Ванчо Горгиев.

ФК Каменица Саса : Добарден Г-дине Горгиев, како сте ? Во моментот сте во САД, па со оглед на временските зони, кај Вас најверојатно е ден.
Ванчо Горгиев : Добровечер за Вас, Благодарам на тоа што ме контактиравте и што ќе поразговараме за она што ми лежи во срцето а тоа е фудбалот и нормално ФК Саса. Инаку, да, моментално сум во САД, ме “затекнаа” сите овие случување во светот иако планирав да се вратам за Македонија. Овде сум со мојот син Ненад, кој живее тука и истотака е спортски и фудбалски работник.

ФК Каменица Саса : Г-дине Горгиев, денес би сакале да поразговараме и да се потсетиме на Вашиот богат фудбалски опус, па затоа на почетокот кажете ни каде ги бележите Вашите фудбалски почетоци ?!
Ванчо Горгиев :  Моите фудбалски почетоци датираат од далечната натпреварувачка 1968/69 година, кога станувам дел од ФК Слобода Облешево за потоа кариерата да ја продолжам во ФК Рудар во периодот 1970-1974 година, од кадешто преминувам во екипата на Торпедо од Кочани.

ФК Каменица Саса : Вашите почетоци бележат ли настапи и за младински категории ?
Ванчо Горгиев :  Да.

ФК Каменица Саса : Кога се Вашите почетоци во ФК Саса ?
Ванчо Горгиев :  Моите почетоци во ФК Саса се во 1975-та година.

ФК Каменица Саса : На чија иницијатива доаѓате во ФК Саса.
Ванчо Горгиев :  Во ФК Саса доаѓам по иницијатива на Тихомир Ѓеоргиевски – Тише.

ФК Каменица Саса : На која позиција игравте ?
Ванчо Горгиев :  Во ФК Саса прво играв штопер а потоа центархалф.

ФК Каменица Саса : Кои беа Ваши тренери во ФК Саса ?
Ванчо Горгиев :  Во ФК Саса тренери ми беа Костадинов и Јордан Минов.

ФК Каменица Саса : Кои беа Ваши соиграчи во ФК Саса ?
Ванчо Горгиев :  Во ФК Саса имавме поголем број на соиграчи, сите прекрасни фудбалери и другари и нема да можам да ги набројам сите, но еве ќе ги спомнам оние на кои ќе се сетам во моментот, останатите нека ми извинат. Томе Петров, Жежов, Струков, Димитров, Игнатов, Крамарски, Ѓоко Марковски, А.Марковски, Петревски, Јовановски, Сандев, Арсов, Глигоровски, Досев, Стојов, Панов итн.

ФК Саса во “доцните” 70-ти години од минатиот век – Тим за респект
Ванчо Горгиев – горен ред, од лево кон десно, 8-ми

ФК Каменица Саса : Има ли натпревар во зелено-црниот дрес кој Ви е посебно драг ?
Ванчо Горгиев :  Секогаш има, тоа е победата од 0:1, во Делчево, против Брегалница. Истотака драг ми е и натпреварот ФК Саса – ФК Слога Виница 2:0.

ФК Каменица Саса : Има ли натпревар во дресoт на ФК Саса кој Вe натажи како фудбалер ?
Ванчо Горгиев :  Да, тоа е натпреварот во Струмица, против екипата на Тиверија, кога бевме поразени со 2:1.

ФК Каменица Саса : Mожете ли да ни кажете кои клубски фудбалски успеси ја одбележаа Вашата кариера во ФК Саса ?
Ванчо Горгиев :  Да, тоа не се заборава. Во фудбалската сезона 1978/79 станавме шампиони и за првпат влеговме во Македонската Републичка Лига.

ФК Каменица Саса : Како се однесуваше Каменичката публика кон фудбалерите како Вас, кои не потекнуваат од Македонска Каменица ?
Ванчо Горгиев :  Каменичката публика е прекрасна и искрена, знаат доброто да го наградат со спортско навивање. Јас лично се чувствував како да сум си дома. Бев одлично прифатен а се надевам дека и јас со моите игри им вратив на коректен начин.

ФК Каменица Саса : Г-дине Горгиев, со што се занимавате сега ?
Ванчо Горгиев :  Сега сум пензионер и сум во Америка, кај син ми Ненад, кој има Приватна Фудбалска Академија, во кој јас му помагам во тренинзите.

Ванчо Горгиев, горен ред, претпоследен – дел од фудбалската академија на својот син Ненад Горгиев, горен рен, прв

ФК Каменица Саса : Што мислите за денешната ФК Каменица Саса. Дали се разива во правилна насока и кое вашето мислење за самото раководење со клубот ?
Ванчо Горгиев :  Градот Каменица е фудбалски град и од секогаш бил во елитата на македонскиот фудбал. Таму и местото на ФК Каменица Саса.

ФК Каменица Саса : Издвојте ни една анегдота еден смешен момент од Вашите години поминате во ФК Саса ?!
Ванчо Горгиев :  Па видете во тие убави времиња, имаше многу интересни моменти, ама ајде нив да ги оставам кога ќе се видиме со моите соиграчи и кога заеднички ќе евоцираме сеќавања од убавите фудбалски денови.

ФК Каменица Саса : Што ќе кажете за Тихомир Ѓеоргиевски – Тише, човекот чие име длабоко е врежано со развојот на ФК Саса
Ванчо Горгиев :  Тише е еден и има многу што да се каже. Тој беше главен за се. Тој беше задолжен за изборот на фудбалерите, за договарање на условите, за наградите, но и за казните. И тоа казнува со сигурност Ви тврдам, бидејќи јас го имам доживеано тоа. Кога дојдов во ФК Саса тој ми даде и овозможи се, а кога ја напуштив ФК Саса следуваше казна. Исписница не ми даде и истотака паричната награда од 1 000 000 динари сто влеговме во Македонската Лига не ми ја исплати по казна.Јас и тогаш и сега се чувствував виновен затоа Тише е голем и ќе ми остане во одлично сеќавање.

ФК Каменица Саса : Со кој од соиграчите бевте најблизок ?
Ванчо Горгиев : Со сите бев добар а на помладите им давав поддршка.

Фудбал и другарство –
Виде Велиновски во друштво на Ванчо Горгиев

ФК Каменица Саса : Додека бевте во ФК Саса, каде живеевте ?
Ванчо Горгиев : Прво живеев како самец во “Самачка Зграда” а потоа кога се оженив ми дадоа трособен стан кај Љупчо (Дудек).

ФК Каменица Саса : Како се храневте пред натпревар и каде ?
Ванчо Горгиев : Дома се храневме во хотел Саса, а во гости на различни места.

ФК Каменица Саса : Одевте ли во карантин и каде ?
Ванчо Горгиев : Да, на повеќе места.

ФК Каменица Саса : Одевте ли на припреми и каде ?
Ванчо Горгиев : Да, одевме. Одевме во Дојран, Голак, Негорски Бањи итн.

ФК Каменица Саса : Како стоеше ФК Саса со опрема и услови за работа ?
Ванчо Горгиев : Имавме најдобра опрема “Адидас”, имавме најдобри услови за тренирање со одлично домаќини чичко Боро и чичко Хамид.

ФК Каменица Саса : Се имате ли степано на фудбалски натпревар ?
Ванчо Горгиев : Да, само еднаш во мојата кариера. Тоа беше во село Пирава и беше во одбрана на мојот соиграч Љупчо Глигоровски.

ФК Каменица Саса : Освен во ФК Саса, каде се, имате играно ?
Ванчо Горгиев : Во подмладокот на Рудар од Пробиштип, во Торпедо од Кочани, во ФК Саса, во Бучим од Радовиш …

ФК Каменица Саса : Бевте ли фудбалски тренер ?
Ванчо Горгиев : Да, бев во Бучим, потоа во Конче и Раклиш во Трета Лига, а сега тренерски му помагам на мојот син во Америка.

ФК Каменица Саса : И Вашиот син Ненад тргна по Вашите патеки и тој беше дел од ФК Саса ?!
Ванчо Горгиев : Да, така е. И син ми Ненад тргна по моите стапки. Беше стандарден во Плачковица, Сушица а беше дел и од ФК Саса во 2002-та година. Од младинските школи беше дел од Плачковица, Вардар и Цементарница. Инаку тој заврши Факултет за Физичко Образование во Софија, па отиде да игра фудбал во Америка, кадешто од 2015 година има сопствена фудбалска академија со околу 500 дечиња од сите категории.

Ванчо и Ненад Горгиеви – поранешни фудбалери на ФК Саса, денес успешно раководат со фудбалска академија во САД во која имаат 500 дечиња од сите категории

ФК Каменица Саса : Што беше пресудно да ја напуштите ФК Саса ?
Ванчо Горгиев : Одлуката повеќе беше од фамилијарна отколку од фудбалска природа.

ФК Каменица Саса : Има ли нешто што секогаш ќе Ве потсеќа на Македонска Каменица, некое јадење на пример или слично ?
Ванчо Горгиев : Има многу работи, но на тоа ќе се потсетам кога ќе дојдам нареден пат во Македонска Каменица.

ФК Каменица Саса : Кој Ви е омилен светски клуб ?
Ванчо Горгиев :  Белградски Партизан.

ФК Каменица Саса : Кој Ви е омилен фудбалер ?
Ванчо Горгиев : Од играчите од поранешна СФРЈ Велибор Васовиќ и Н.Стојковиќ а од светските играчи најмногу ми се допаѓаше Бекенбауер. Инаку сега според мене најдобар е Меси.

ФК Каменица Саса : Што би им порачале на младинските категории на ФК Каменица Саса.
Ванчо Горгиев :  Моја препорака до младите, прво е да живеат здраво и спортски, да не пушат цигар, да не пијат алкохол а второ, работа, работа и само работа.

ФК Каменица Саса : Што би им порачале на раководните лица на ФК Саса ?
Ванчо Горгиев : Би им препорачал да тргнат по стапките на Тихомир Ѓеоргиевски – Тише.

ФК Каменица Саса : Ваша порака до Македонска Каменица, до Каменичани и до фудбалерите на ФК Каменица Саса ?!!
Ванчо Горгиев : Па мојата порака е во насока Рудникот Саса да работи успешно, да се отворат нови средни и мали претпријатија за младите да останат дома, што само по себе ФК Саса ќе ја направиме поголема и појака и на тој начин ќе биде и поконкурентна во борбата за влез во Првата Македонска Фудбалска Лига. Поздрав до сите Каменичани и до сите навивачи на ФК Каменица Саса.

ФК Каменица Саса : Г-дине Горгиев Ви Благодариме за одвоеното време Ви посакуваме многу здравје и радости и заедно со син Ви Ненад да бележите многу фудбалски успеси, па да се надеваме дека еден и ќе соработуваме како спортски организации.
Ванчо Горгиев :  Ви благодарам и на Вас, голем поздрав од Америка и секое добро.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *