Вчера и официјално започна новото првенството од Втората Македонска Фудбалска Лига – Исток, сезона 2020/21. На Градскиот Стадион во Македонска Каменица, без присуство на публика, нашите миленици го одиграа првото коло од новиот шампионат против екипата на Брегалница од Штип. Се чини и двете екипи не го дадоа својот максимум, па така беше одигран еден тврд натпревар, без многу шанси, натпревар во кој нијанси го одлучија победникот. ФК Каменица Саса натпреварот го започна претпазливо, но сепак првата шанса ја имаа тие. По еден кикс на голманот на гостите, топка дојде до Никола Божинов, кој направи коректен дриблинг, но шутираше млако по земја, па гостинскиот голман “се извади” за киксот. По 2-3 минути игра, убав удар на Илија Донов од 20-тина метри, но за малку непрецизен. И тоа беше се што понуди ФК Каменица Саса во првото полувреме од натпреварот, во кое сите фудбалери на ФК Каменица Саса одиграа просечно, а евидентно е дека имаат квалитет и уште повеќе дека можат да направат синхронизиран и воигран тим, нешто што вчера не беа. Од друга страна ФК Брегалница Штип во првиот дел не прикажа буквално ништо, освен што можеби имаа поголем посед на топката. Но, и во едно такво бледо издание во првиот дел, тие го отворија резултатот со гол длабоко во судиското продолжение. Една одбиена топка дојде до Мартин Стојанов, кој прецизно биеше од 16-тина метри во левиот долен агол на Иванов. Со резултат 0:1 се замина на пауза. Вториот дел копија на првиот. Просечна ФК Каменица Саса, бледа Брегалница Штип. ФК Каменица Саса имаше една шанса да израмни, тоа беше шансата на Дејан Маркоски кој биеше “слабо” по земја од 10-тина метри и неговиот удар беше лесен плен за гостинскиот голман. Гостите при крајот на натпреварот имаа шанса да зголемат на 0:2, но Благојче Иванов успеа да скроти еден удар од 5-6 метри. Се на се, слаба фудбалска претстава, во која нашите миленици кои имаа просечен натпревар, беа поразени од бледиот тим на ФК Брегалница од Штип, во натпревар во кој решаваа нијанси. И уште еднаш и покрај тоа што скоро целиот тим на ФК Каменица Саса одигра на едно исто просечно ниво, сепак се гледа квалитет и со повеќе работа и труд и секако фудбалска слога, овој тим би можел да се воигра и да прикажува одлични игри, а со тоа да ги постигнува очекуваните резултати. Инаку ако треба да се издвои некои од вчерашниот натпревар од тимот на нашите миленици и покрај тоа што сите одиграа “тука-некаде” сепак се чини Виктор Марковски би можел да се издвои како играч кој малку отскокнуваше од просечноста а истото така и Марио Крстов кој пак отскокнуваше со својата борбеност. Не е ништо изгубено, простено Ви е за поразот, бидејќи е прво коло, но во иднина немаме право на вакви натпревари. Гостинската екипа со бледо издание ги освои трите бодови и ние им ја честитаме победата. Судиската 4-ка коректно го одсуди натпреварот, беа запазени сите протоколи и мерки за заштита од COVID 19, натпреварот беше фер и коректен и секако добро организиран.

Продолжуваме понатаму со крената глава.

#МоетоСрцеЕЗеленоЦрно!

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *