Фудбалерите на Сениорскиот Тим на ФК Каменица Саса викендов го одиграа редовното 21-во коло од ВМФЛ-Исток. На домашен терен беше пречекана екипата на Слога 1934 oд Виница. Во еден натпревар во кој нашите миленици беа силно мотивирани беше извојувана минимална победа од 1:0. Стрелец на голот беше Саше Дуков во 42-та минута од натпреварот. “Рударите” играа со играч помалку од 69-тата минута од натпреварот кога за два старта во две минути Илија Донов доби два жолти картони. На овој натпревар поради повреда на Глигор Дончев во 32-та минута од натпреварот шанса и свое деби на официјален првенствен натпревар имаше младиот Лазар Стојановски кој токму на овој натпревар наполни 17 години.

Натпреварот во Македонска Каменица започна со мала теренска иницијатива на гостите, по што следуваше лавовска борба на средината на теренот и освен корнери немаше некоја посериозна шанса за гол. Така се играше се до 42-тата минута од натпреварот, кога по еден корнер од левата страна кој го изведе Трајче Ефремов топката дојде до Виктор Марковски кој шутираше и одбиената топка дојде до Саше Дуков кој шутираше силно и прецизно за 1:0 за нашите миленици. Трајче Ефремов беше маестрален и на висина на задачата, Саше Дуков одигра со стил а Виктор Марковски беше одличен во одбранбените задачи. Со резултат од 1:0 се отиде на полувреме. Вториот дел започна со теренска иницијатива на гостите кои се обидуваа по десната страна да ја пробијат нашата одбрана. Но, таму во првото полувреме брилијантен беше Глигор Дончев кој се повреди и на кого му посакуваме што побрзо опоравување. На негово место во игра влезе дебитантот, младиот Лазар Стојановски. А за Лазе што да напишеме а да не е малку ? Лазар Стојановски на овој натпревар одигра маестрално поради повеќе причини :
1.Гостите напаѓаа многу често по десната страна. Лазар Стојановски како лев бек многупати влезе во дуели со многупоискусните играчи на Слога од Виница. Она што беше очевидно е дека во дел од дуелите нашиот млад фудбалер влегуваше на границата на груб старт и тоа го правеше толку паметно, што не доби жолт картон а ги доби најголемиот број на дуелите.

2.Во многу од дуелите нашиот Лазе Стојановски беше толку “фудбалски поткован” што успеа во два наврати да ги “испровоцира” противничките фудбалери така што во првиот пат од една контра која можеше да биде гол-шанса за гостите Лазе изнуди контра фаул и жолт картон за противничкиот играч, а при вториот пат тој го “намести” противничкиот играч до корнер линијата да игра со рака при што противничкиот играч беше видно изнервиран. А фудбалско правило е кога противникот е изнервиран тоа е пола пат до победа.

Се на се, брилијантен натпревар за Лазе Стојановски кој во иднина мора да продолжи да работи и да се труди, да ги слуша советите на тренерите и капитенот и да ја бара својата шанса на секој натпревар.

Гостите во вториот дел продолжија со иницијатива која резултираше со “пречка” во 60-тата минута од натпреварот. По една повратна топка од 20-тина метри гостинскиот играч шутираше силно, но среќата му го заврте грбот и топката заврши во пречката. Во 69-тата минута Илија Донов доби втор жолт картон за само два старта во две минута и покрај неговата безпоштедна игра и безрезервно залагање на теренот мораше да го напушти натпреварот. Во продолжение Слога јалово напаѓаше, затоа што ФК Каменица Саса во одбраната ги имаше расположените Дигаловски, Радески, Стојановски и Марковски кои беа феноменални. Во средниот ред одлични беа Ангов, Донов, Ефремов и Димоски. Ангов играше паметно, Донов истрча многу, Ефремов беше технички на висина на задачата, а Димоски ја користеше својата брзина да им избега на противничките играчи. Сите до еден беа маестрални во Сабота. Како полушпиц на натпреварот во Саботата настапи и Митар Соколовски кој истотака беше маестрален, добар со топка, вистински лидер во тимот, без многу грешки и со многу покриен простор. На крајот маестрален беше и стрелецот на голот Саше Дуков кој доби многу дуели, покриваше до последниот свиреж на судијата, истрча многу и за малку не постигна и втор гол. Тоа беше шансата во кооја можевме пред време да ја завериме победата, кога акцијата која почна преку прекрасниот Ѕурѕу кој влезе во 68-та минута од натпреварот по десната страна кој го проигра “магионичарот со топка” Вецески кој истотака влезе како резерва во 76-тата минута од натпреварот, кој пак му испрати “топка со очи” на Дуков, кој во манир на голем стрелец го извади од копачките противничкиот одбранбен играч, но за несреќа шутираше многу млако а одбиената топка дојде до Димоски кој за малку не погоди. Маестрален на голот беше и Благојче Иванов, кој одигра на висината на задачата и повторно не прими гол. Се на се маестрална игра на нашите миленици, со стратегија прецизно направена од нашиот стручен штаб за вакви натпревари.

Честитки до нашите миленици кој играат во одлична форма во последните 10 натпревари.

Со една реченица, гледаме една мотивирана, силна и моќна ФК Каменица Саса и се надеваме дека во таков ритам ќе продолжат и во наредниот период.

Честитки до гостите кои одиграа коректен натпревар и на кои им посакуваме успешно продолжување на сезоната од ВМФЛ-Исток.

ЧЕСТИТКИ МОМЦИ !

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *