Викендов, во Македонска Каменица се одигра натпреварот од 23-тото коло од Втората Македонска Фудбалска Лига – Исток помеѓу старите добри фудбалски познаници екипите на ФК Каменица Саса и ФК Победа АД Прилеп. Натпреварот започна во 13:00 часот на Градскиот Стадион во Македонска Каменица и се играше на влажен терен. Нашите миленици одлично го отворија натпреварот, силно мотивирани и со огромна желба за победа. Први до шанса стигнавме токму ние, кога маестралниот Иле Донов шутираше по земја од 16-тина метри, после неколку “лажњака” во дуелите со гостинските фудбалери. И втората шанса на натпреварот беше наша, се работеше за момент од натпреварот кога од десната страна шутираше Дуков. Веќе во наредната шанса e 1:0 за ФК Каменица Саса. По еден напад од десната страна и незгоден центаршут на мудриот Ангов, топка удри во стативата и се одби до Дуков кој со глава стрелаше за 1:0. Се играше 25-тата минута од натпреварот. Со овој резултат се отиде на полувреме. Во вториот дел видовме една друга Победа, организирана и доста разиграна. За волја на вистината оваа Победа од Саботата е многу посилен тим од оној кој доаѓаше во Македонска Каменица во последните неколку натпревари. Во Саботата гостите имаа одличен натпревар. Првата шанса во вториот дел ја имаше токму гостинскиот тим, кога по еден напад од десната страна, шутираа од 10-тина метри, но “октоподот” Благојче Иванов го “скроти” незгодниот удар на гостите. Веќе во наредниот напад Благојче Иванов кој брани во “прволигашка” форма, заблеска во сиот свој сјај. Гостите нападнаа повторно од десната страна и до гол-шанса дојде гостински фудбалер, кој беше фаулиран за пенал од нашиот голман, кој најверојатно знаеше дека подобро е да направи пенал отколку да примиме гол, па така го процени пеналот на гостите и го одбрани, зачувувајќи ја нашата предност. Наредната шанса за гостите беше изедначување, кога по едно додавање топката помина помеѓу нашите стопери и во гол шанса дојде гостински играч кој шутирајќи по земја во долниот десен агол од голот на Иванов изедначи на 1:1. Се играше 85-тата минута од натпреварот. И кога сите мислеа дека тоа е конечен резултат на натпреварот младиот и талентиран Лазе Стојановски не мислеше така. Во една буквално фудбалска акција која започна од кого ако не од капитенот на тимот Дани Гоцевски, со 3-4 додавања топката стаса до Лазе Стојановски кој му избега на противничкиот играч и во “Милош Теодосич” стил му асистираше на Филип Димоски за “гол против своите”, за 2:1 и нова победа на ФК Каменица Саса.

Сите фудбалери на ФК Каменица Саса беа одлични на натпреварот во Саботата, честитки за одличниот карактер и играњето до последниот судиски свиреж. Одлична фудбалска стратегија и на тренерското трио Здравков – Гоцевски – Анакиевски.

Честитки и за гостинските фудбалери, за фер-плеј натпреварот и за одличната игра и желбата за победа.

Честитки и за судиската четворка и за сите официјални лица, за одличната арбитража и организација на натпреварот.

Момци честитки за победата, одиме на нова, веќе наредниот викенд во Пехчево.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *