Сениорскиот Тим на ФК Каменица Саса утре со почеток од 13:00 часот го игра 24-тото коло од ВМФЛ-Исток во кое како гостин ќе се обиде да извојува нова победа, овојпат над екипата на Кит-Го во Пехчево. Оптимизамот и атмосферата во тимот е на завидно ниво, а посебно тоа се однесува за голманското трио – Стојче Анакиевски / тренер на голманите, Благојче Иванов / прв голман и Симон Стојковски / втор голман. Очигледен е огромниот напредок во формата на голманскиот тим на ФК Каменица Саса кој резултира со многу малку примени голови во последните 10-тина натпревари и истовремено одбранети повеќе зицери и гол шанси како и пенал во последното коло. Формата на Благојче Иванов е прволигашка, огромен напредок во формата има и Симон Стојковски. Денес, на кратко во разговор со тренерот на голманите Стојче Анакиевски, дознавме на што се должи таквиот нагорен раст во формата и на двата голмани. Она што за fkkamenica-sasa.mk го кажа тренерот на голманите Стојче Анакиевски е дека се работи за сериозен пристап кога се во прашање тренинзите на голманите, со посебен акцент на психолошките моменти. Освен онаа стандардната улога тренер – голман се гради нов пријателски однос помеѓу тренерот на голманите и самите голмани, па така еднаш во неделата поминуваат повеќе време заедно со разговори, заеднички ручек или доручек. На прашањето што мисли за своите голмани, Стојче Анакиевски истакна дека Благојче Иванов брани во прекрасна форма, нешто што можеше да се види во последните 5 натпревари, според него во прволигашка форма и дека е еден од “главните виновници” за резултатите на тимот во последно време, додека голем напредок има и кај Симон Стојковски, на кого клубот ќе може во иднина сериозно да се потпре. Анакиевски истакна дека утрешниот натпревар со Кит-Го ќе ги потврди неговите зборови и самоуверено, но и претпазливо на крајот разговорот ни рече дека во Пехчево, ФК Каменица Саса оди да игра фудбал и да се надигрува со противникот.

Share:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *